Џон Ф. Кенеди не бил убиен од неговиот возач

Според поранешниот офицер на морнаричката разузнавачка служба Вилијам Купер, ЏФК бил убиен од Вилијам Грир, агентот на Тајната служба кој го возел автомобилот. Вилијам Купер бил убиен во 2001 година, само неколку месеци откако го предвидел 11 септември, недели пред да се случи.

Во склоп на објавата има кратко видео во кое Купер тврди дека имало видеоматеријал во боја каде се гледало „дека Грир се врти со пиштолот во левата рака и пука во претседателот во главата, преку неговото десно рамо“. Тој додава дека е „неверојатно што ова било криено од јавноста сиве години иако снимката била прикажувана на телевизија, но секогаш возачот бил исечен од кадар“.

Атентатот врз Џон Ф. Кенеди, 35-тиот претседател на Соединетите Американски Држави, на 22 ноември 1963 година, предизвика бројни теории на заговор. Овие теории тврдат дека се вмешани Централната разузнавачка агенција (ЦИА), мафијата, потпретседателот Линдон Б. Џонсон, кубанскиот премиер Фидел Кастро, КГБ или некоја комбинација од овие поединци и субјекти.

Во објавата што ја рецензираме се презентира теорија на заговор дека агентот на тајната службса Вилијам Грир го убил Кенеди. Вистината е дека атентаторот, Ли Харви Освалд, тогаш 24-годишен поранешен маринец, дејствувал сам. Тоа е потврдено од Вореновата комисија (наречената така неформално, според името на нејзиниот претседател врховниот судија, Ерл Ворен), која ги истражуваше околностите на смртта на Кенеди и заклучи дека Освалд бил сам вооружен напаѓач кој ги испукал двата куршума во Кенеди од блискиот Депозитар за училишни книги во Тексас.

Како што пишува Смитсонијан магазин (smithsonianmag.com) за видеото прикажано во објавата што ја рецензираме, можно е да станува збор за оптичка илузија.

Кога ќе се погледне кадарот 313, силната импресија дека пукањето доаѓа од предната страна на Кенеди и ја разнесува неговата глава наназад е моќна. Има аргументи дека ова е оптичка илузија, најуверливата за мене, бидејќи Кенеди е погоден од позади, откако во претходниот кадар 312 ја удира нанапред брадата кон градите и главата му се одбива наназад во кадарот 313, пишува Рон Росенбаум во магазинот Смитсонијан.

Вилијам Грир беше агент на тајната полиција на САД и возач на претседателскиот автомобил во Далас на 22 ноември 1963 година. Тој не е официјално поврзан со огнено оружје или пукање,тврдењата дека тој „се свртел и пукал“ се теории на заговор, без доказ.

Некои луѓе погрешно го интерпретираат Запрудеровиот филм (Zapruder film) и мислат дека во него се гледа оружје во неговата рака, но има анализи кои покажуваат дека тоа е сончева рефлексија или сенка, а не вистинско оружје. Истрагите (вклучително на Комисијата Ворен) и историчарите не открија доказ дека Грир имал улога во пукањето.

Некои тврдат дека Купер го предвидел нападот од 11 септември, но тој зборувал за можен терористички „голем напад“ и дека ќе биде виновен Осама бин Ладен. На 28 јуни 2001 година на неговата радиоемисија Hour of the Time тој изјави дека ќе се случи „голем напад“ и дека ќе го обвинат Осама бин Ладен, но дека не треба да му се верува на тоа. Но, Купер не го предвидел конкретно нападот на 11 септември (со дата, место или детали), ниту рекол дека ќе има напади со авиони врз Светскиот трговски центар или дека тоа ќе се случи токму на 11.09.2001. Зборовите што ги изјавил биле општи и неодредени.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Извор: vistinomer.mk

Back to top button
Close