ОН: Нападите на еврејските доселеници против Палестинците на Западниот Брег во октомври достигнаа рекорден број

Еврејски доселеници извршиле најмалку 264 напади врз Палестинци на Западниот Брег во текот на октомври што претставува рекорден број напади во еден месец откако ОН почнаа да водат статистика за овој показател во 2006 година.

Во соопштение на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА), во кое се предупредува на наглото зголемување на насилството, се наведува дека нападите кои резултирале со повредени лица и оштетена имотна сопственост достигнале просек од осум дневно.

– Од 2006 година наваму, ОЦХА има регистрирано над 9.600 слични напади. Околу 1.500 од нив се оваа година, што претставува приближно 15 проценти од сите досега, се вели во извештајот.

Населен со над 2,7 милиони Палестинци, Западниот Брег со години е во центарот на плановите за идната палестинска држава, која би постоела заедно со Израел. Но, серија израелски влади постепено го прошируваат присуството на еврејски доселеници таму, со што се разединува палестинското население.

ОН, Палестинците и повеќето држави ги сметаат еврејските населби за нелегални според меѓународното право, додека Израел го оспорува тоа. Повеќе од половина милион еврејски доселеници живеат на Западниот Брег.

Според потврдените податоци на ОЦХА до средата, 42 палестински деца биле убиени од израелските сили на Западниот Брег само од почетокот на годината.

– Тоа значи дека едно од секои пет палестински лица убиени од израелските сили во 2025 година било дете, соопшти ОН.

Нападите на Западниот Брег продолжуваат и покрај примирјето во Појасот Газа, постигнато минатиот месец со посредство на САД, по кое борбите во голема мера престанаа, а преостанатите живи израелски заложници беа ослободени од страна на исламистичката палестинска група Хамас.

Back to top button
Close