ОН: Повлекувањето на САД од климатскиот договор е „колосален автогол“

Одлуката на САД да се повлечат од клучниот климатски договор на Обединетите нации претставува „колосален автогол“ што ќе ѝ наштети на американската економија, работните места и животниот стандард, изјави извршниот секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, Сајмон Стил.
– Додека сите други земји заедно чекорат напред, овој чекор наназад од глобалното лидерство, климатската соработка и науката може само да ѝ наштети на американската економија, работните места и животниот стандард, во време кога шумските пожари, поплавите, мегабурите и сушите се влошуваат сè побрзо, изјави Стил.
Тој оцени дека одлуката ќе ги направи САД помалку безбедни и помалку просперитетни.
Американскиот претседател Доналд Трамп, долгогодишен критичар на обновливите извори на енергија, климатските промени ги нарекува „измама“ и „лажни вести“. Во својот втор мандат, тој отиде чекор подалеку од претходната одлука за повлекување на САД од Парискиот договор и ја извади земјата и од Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.
Конвенцијата бара од индустриски развиените земји да ги намалуваат емисиите на стакленички гасови, да спроведуваат политики за нивно ограничување, јавно да известуваат за емисиите и финансиски да им помагаат на посиромашните држави во справувањето со климатските промени.
САД се повлекоа и од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), клучното научно тело на ОН, во чии досегашни извештаи американските научници имаа значајна улога.
Одлуката на Трамп предизвика критики од европските лидери и од еколошките организации.





