ОН привремено запира дел од операциите во Јемен поради притворени вработени од страна на Хутите
Обединетите нации привремено ги суспендираа сите свои операции во провинцијата Сада, Јемен, откако вооружената група Хути приведоа вработени во организацијата, изјави денеска заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак.
– Оваа итна и привремена мерка има за цел да воспостави баланс меѓу неопходноста ОН да остане и да делува во регионот и потребата за гарантирање на безбедноста на нашиот персонал и партнери, рече Хак. – Таквите гаранции се клучни за долгорочната ефективност на нашите напори, додаде тој.
Хак не прецизираше колку лица ќе бидат засегнати од привремениот прекин на операциите.
– ОН останува посветен на обезбедување помош за милиони луѓе во Јемен, нагласи заменик-портпаролот.
Хутите, поддржани од Иран, контролираат голем дел од Јемен, вклучувајќи ја и престолнината Сана, откако ја презедоа власта во 2014 и почетокот на 2015 година. Од 2021 година, оваа вооружена група притворила десетици вработени на ОН. Во моментов, тие држат околу 28 членови на персоналот на Светската организација.