ОН регистрирале најмалку 875 убиства кај локациите за хуманитарна помош во Газа
Канцеларијата на ОН за човекови права вчера објави дека во изминатите шест недели регистрирала најмалку 875 убиства на хуманитарните локации во Газа управувани од Хуманитарната фондација Газа – поддржана од САД и Израел – и во конвои управувани од други хуманитарни групи, вклучувајќи ги и Обединетите нации.
Повеќето од убиените биле во близина на локациите на Хуманитарната фондација Газа-ГХФ (GHF), додека околу 200 луѓе биле убиени на рутите на другите хуманитарни конвои.
ГХФ користи приватни американски компании за обезбедување и логистика за испорака на залихи во Газа, во голема мера заобиколувајќи го системот управуван од ОН за кој Израел тврди дека им дозволил на милитантите предводени од Хамас да ги ограбуваат пратките со помош наменети за цивилите. Хамас го негира обвинувањето.
ГХФ, која започна со дистрибуција на пакети со храна во Газа кон крајот на мај откако Израел ја укина 11-неделната блокада за помош, претходно за британски Ројтерс соопшти дека немало такви инциденти на неговите локации и ги обвини ОН за дезинформации, што ОН го негираше.
ГХФ не одговори веднаш на барањето за коментар за најновите бројки на ОН.
-Податоците што ги имаме се базираат на наши сопствени информации собрани преку разни сигурни извори, вклучувајќи ги и медицинските организации за човекови права и хуманитарните организации, изјави Тамин Ал-Китан, портпарол на Канцеларијата на Високиот комесар на ОН за човекови права, во Женева.
За Обединетите нации моделот за помош на ГХФ е „по природа небезбеден“ и претставува кршење на стандардите за хуманитарна непристрасност.
ГХФ вчера соопшти дека од крајот на мај доставил повеќе од 75 милиони оброци за Палестинците во Газа и дека Хамас или криминални банди „ја ограбиле речиси целата помош“ од други хуманитарни групи.
Израелската војска претходно соопшти дека ги разгледува неодамнешните масовни жртви и се обидела да го намали физичкиот контакт меѓу Палестинците и израелските одбранбени сили со поставување огради и знаци и отворање дополнителни патишта.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања претходно наведе случаи на насилни грабежи на помошта, а Светската програма за храна на ОН минатата недела соопшти дека повеќето камиони што носеле помош во храна за Газа биле пресретнати од „гладни цивилни заедници“.