ОН: „Репресивниот режим“ во Венецуела се уште е целосно оперативен

Мисијата на Обединетите нации за утврдување факти соопшти дека „репресивниот државен апарат“ во Венецуела е целосно оперативен и по соборувањето на поранешниот претседател Миколас Мадуро, извршено од страна на американските сили на почетокот на јануари годинава.

Во извештајот доставен до Советот за човекови права на ОН се наведува дека „институционалните структури кои овозможуваат кршење на човековите права не се укинати“, додавајќи дека од падот на Мадуро се регистрирани 87 политички мотивирани апсења.

Владата во Венецуела со години ги негира обвинувањата за кршење на човековите права и постоењето политички затвореници, тврдејќи дека притворените лица се товарат за класични кривични дела.

Во извештајот се наведува и дека високи владини и воени функционери, претходно посочени како одговорни за злосторства против човештвото, се уште се мошне влијателни во земјата.

Вашингтон подолг период ја критикува состојбата со демократијата во Венецуела, обвинувајќи ја социјалистичката власт за изборни измами и политичка репресија.

САД претходно соопштија дека ќе „преземат контрола“ врз Венецуела, но не инсистираа веднаш на нови избори, нагласувајќи ги притоа добрите односи со поранешната потпретседателка Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка и поддржа измени во националните регулативи за нафта и за рударство насочени кон привлекување инвестиции.

Нејзината Влада усвои и закон за амнестија како дел од договор за ослободување илјадници затвореници. Според Владата во Каракас, до крајот на февруари биле ослободени речиси две илјади лица, што сепак беше оспорено од локалните невладини организации, кои упатуваат критики до власта за недоволна транспарентност и забелешки за далеку помал број ослободени затвореници.

Алфредо Ромеро, директорот на организацијата „Форо Пенал“ изјави дека „репресивниот систем и натаму постои и оти правосудниот систем и натаму е алатка за политички прогон“.

Back to top button
Close