ОН: Војската на Мјанмар сторила злосторство против човештвото

Шефот на независниот комитет на Обединетите нации за истрага на злосторствата извршени во Мјанмар соопшти дека прелиминарните докази собрани откако армијата ја презеде власта на 1 февруари годинава покажуваат широк и систематски напад врз цивили, „што е злосторство против човештвото“.

Николас Кумџијан, на прес-конференција за акредитираните новинари во ОН, кажа дека Независниот истражен механизам за Мјанмар, со кој тој раководел, примил повеќе од 200.000 пријави војската ја презеде власта и собра речиси 1,5 милиона докази што треба да се анализираат, така што еден ден одговорните за тешките меѓународни злосторства во Мјанмар ќе бидат повикани на одговорност, пренесоа британските медиуми.

Кумџијан истакна дека се чини дека злосторствата против цивилите се широко распространети и систематски и потврди дека иследниците забележале шеми на насилство – првично одмерен одговор на безбедносните сили на демонстрациите во првите шест недели по военото преземање, за потоа да следи „зголемено насилство и примена на многу насилни методи за сузбивање на демонстрантите“.

-Ова се случуваше истовремено и на различни места, што нè наведува на заклучок дека тоа било дел од политиката на воената хунта, изјави тој.

„Исто така, видовме дека одредени групи беа цел, особено за апсења и притворања кои се чини дека не биле во согласност со законот. Се разбира, тука ги вклучуваме новинарите, медицинските работници и политичките противници“, рече Кумџијан.

Со пучот на 1 февруари заврши десетгодишниот демократски период во Мјанмар. Во крватата воена репресија досега се убиени над 1.100 цивили, а повеќе од 9.000 луѓе се уапсени, меѓу кои и Аунг Сан Су Чи, наведува локалната невладина организација – Здружението за помош на политички затвореници (ААПП).

Back to top button
Close