Онлајн аукција за Украина на Бенкси цел на „непријателски напади“ од Русија

Онлајн аукција за ситопечати на Бенкси за Украина била цел на илјадници „непријателски напади“ од внатрешноста на Русија, откри добротворна организација, објавува Гардијан.

 

       Фото: Legacy of War Foundation
Фото: Legacy of War Foundation

Бенкси, светски познатиот графити уметник, првично го објави комплетот од 50 нови ситопечати преку фондацијата Legacy of War за да собере средства за поддршка на „нашите пријатели во Украина“. Меѓународната добротворна организација, со седиште во ОК, обезбедува поддршка за цивилите погодени од конфликт.

Обожавателите мораа да се регистрираат онлајн за ситопечатите, кои прикажуваат глушец што се лизга по страна на кутијата на која е испечатено „FRAGILE“ и чинат по 5.000 фунти. Но, според Фондацијата Legacy of War, имало проблем со лажните регистрации.

„Во моментов ги разгледуваме регистрираните записи и наскоро ќе ги известиме успешните апликанти“, се вели во соопштението на добротворната организација на веб-страната. „Ви благодариме за поддршката. Веб-страната прими над 1 милион барања (и 3.500 непријателски напади од руски IP адреси), така што го цениме вашето трпение во овој момент“.

Секој ситопечат е потпишан и нумериран, а истиот е ограничен на еден за секој клиент. Според фондацијата, секој ситопечат е уникатен, бидејќи гребаниците на глувчето на секоја од нив ги нанел Бенкси со помош на наострен секач за пица.

Објаснувајќи зошто избрал да биде партнер со фондацијата минатиот месец, Бенкси изјави: „Во Украина видов тим на Legacy of War како влегува и обезбедува медицинска помош, греалки, свежа вода и пријателско лице на многу очајни луѓе во бомбардирана зграда.

„Ми позајмија и едно од нивните амбулантни возила за работа, што се покажа како исклучително корисно кога лута бабушка ме најде како сликам на нејзината зграда и повика полиција.

„Чувствувам дека најмалку што треба да направам е да соберам доволно пари за да ги заменам регистарските таблички на амбулантите што ги подгреав“.

Луѓето ги шетаат своите кучиња покрај уметничкото дело на Бенкси во Ирпин. Фотографија: Ендрју Кравченко/АП

Средствата собрани од продажбата ќе бидат искористени за набавка на нови амбулантни возила и возила за поддршка кои ќе се користат за спасување на лица со посебни потреби, стари лица и цивилни жртви, објави ИТВ.

Гилс Дули, извршен директор на фондацијата, рече: „Ќе испратиме генератори, грејачи на гас и светилки на соларна енергија во заедниците кои се соочуваат со брутална зима без струја.

„И ќе можеме да ја продолжиме нашата поддршка за засолништата во Кијив за жени и ЛГБТ заедницата“.

Бенкси потврди дека стои зад седум нови улични мурали на серија уништени згради во и околу Кијив минатата година. На една од нив прикажана е гимнастичарка која балансира на куп урнатини на страната на бомбардирана зграда, а на друга маж што личи на рускиот претседател Путин, кој за време на џудо спаринг е совладан од младо момче.

Крадците неодамна побегнаа со едно уметничко дело од градот Хостомел, на кое беше прикажана жена во гас-маска и тоалета која држи црвен противпожарен апарат. Тие го отсекле делото од изгорениот ѕид, каде што жената била прикажана како стои до вистински прозорец поцрнет од пламен.

Муралот е пронајден во добра состојба и полицијата го чува под стража, но кражбата предизвика широка јавна дискусија во Украина за тоа што да се прави со уметничките дела на Бенкси кои се насликани на зградите планирани за уривање.
извор: Цивил

Back to top button
Close