Онлајн дискусија: Потребен е меѓупартиски консензус за пристапувањето во ЕУ и квалитетен преговарачки тим

Здружението ЕСТИМА заедно со Француската амбасада во Скопје денеска го одржа првиот настан од серијата онлајн дискусии #LetsTalk, на кој учесниците ја истакнале потребата за меѓупартиски консензус во време на пандемијата, за прашања поврзани со пристапувањето на земјава во ЕУ, но и потребата од јакнење на административните капацитети и создавање квалитетен и професионален преговарачки тим.

На дискусијата, како што наведуваат организаторите, била истакната и инклузивноста на процесот што треба да ги опфати сите општествени чинители – граѓанското општество, деловната заедница.

-Главната тема на дискусијата е влијанието на КОВИД-19 пандемијата врз политиката на проширување на ЕУ, пристапниот процес на нашата држава и исполнувањето на реформите. Исто така, се зборуваше и за предизвиците за земјата во втората половина на годината и германското претседателство, очекувањата во врска со преговачката рамка што треба да биде објавена од страна на ЕК деновиве, првата меѓувладина конференција, но и подготвеноста на македонската администрација да ги спроведе обврските што произлегуваат од членството, наведува здружението.

Како што појаснуваат, станало збор и за улогата на граѓанските организации кои би требало да се одлучат дали ќе се дел од преговарачкиот тим или ќе вршат мониторинг на процесот, како и неопходноста да се спроведе попис со цел креирање релевантни политики за усогласување со европските вредности, прописи и стандарди.

Воведно обраќање на дискусијата имал францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, а свое излагање имале и Бојан Маричиќ, главен технички преговарач и Иван Стефановски, извршен директор на Евротинк.

Во дискусијата учествувале претставници на повеќе државни институции, амбасади, граѓански организации итн. кои ги споделија нивните размислувања во врска со патот што нè очекува до полноправно членство во ЕУ.

Серијата онлајн дискусии со наслов #LetsTalk има за цел да одговори на предизвиците кои ги поставува здравствената криза во однос на одржувањето динамична јавна дебата преку враќање на фокусот на клучните општествени приоритети. Следната дискусија на тема #LetsTalkNATO ќе се одржи на почетокот на јули.

 

Back to top button
Close