Онлајн промоција „Македонски визуелни уметници“

Асоцијацијата на независната културна сцена „Центар Јадро“ на својата Фејсбук страна ќе го организира онлајн настанот „Македонски визуелни уметници“, на кој преку разговори и презентации ќе помогнат во промоција на македонските уметници кои поради состојбата со коронавирсуот немаат услови да ги изложат своите дела на релевантни изложби.

Оваа програма ја реализираме преку избор на десет уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес, информираат од „Јадро“.

Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Серијата на презентации на македонските уметници ќе продолжи со преглед на творештвото на визуелната уметничка Неда Прља.

Во својата презентација насловена „Стратегиии на редефинирање“, Прља ќе презентира преглед преку избор од делата создавани во подолг временски период, реализирани во различни медиуми, на различни теми. Презентирајќи ја преку нив и својата методологија, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, контекстот во кој се изложувани и презентирани, таа ќе открие и за улогата на уметноста во современоста.

Некои од позначајните дела на Прља се: „Ѕидот на мирот“ (Берлинско Биенале, 2012), „Розови соништа, или Љубовта што ме убива“ (Скулптурално, МСУ-Скопје, 2016).

Back to top button
Close