ОП, ОП, ОП, БРАВО
Верувам дека Министерството за финансии цел месец не дава согласност за вработување на 26 негувателки за градинката во Кочани, а дало согласност во Македонска навигација (М-НАВ) да се вработат советници на директорите и мајстори за одржување на клима-уреди, затоа што проценило дека таа одлука е во најдобар интерес на граѓаните. Впрочем, сигурно е така, едноставно, мора да е така, затоа што и Владата потврди дека „најновите вработувања во М-НАВ се спроведуваат согласно строго дефинирани законски процедури и јасни критериуми за стручност, компетентност и професионален интегритет“.
Синдикатот на контролорите на летање се закани со штрајк на 10 јули со барање Владата да престане со партиски вработувања во ова богато акционерско друштво што е во сопственост на државата. Бараат наместо да се примаат луѓе на измислени работни места за високи плати, да се примат нови контролори на летање, инженери и метеоролози.
Нејсе. Нема место за паника. Бидејќи Владата е уверена во стручноста, компетентноста и професионализмот на новите вработени во М-НАВ, кога контролорите на летање ќе одмараат, нивната обврска ќе ја преземат новопримените советници и одржувачите на клима уредите. Во најдобар интерес на граѓаните ќе биде контролорите на летање да работат кога се возиме ние, обичните смртници, а кога ќе лета владиното авионче и кога владините делегации ќе изнајмуваат чартери за да потпишат уште некој историски стратешки договор, во Контролната кула да седнат советниците на директорите и климатизерџиите.
Па што? Наместо метеоролози, овие стручњаци за клима на пилотите што ќе слетуваат и полетуваат ќе им викаат да отворат прозор да проверат дали дува. А советниците, со експертизата за климатизерџиите ќе ги наведуваат пилотите кој правец да го фатат да не ја утнат пистата. Па оди вака: Ладно… ладно… топло…. топло…, пак ладно, ладно, топло, ладно, пак топло, добро е, топло, тоопло, тооооплооооооо…. ооооп. Браво.
Единствено што ќе треба да внимаваат е да не мешаат метри со стапки и километри на час со јазли. Но, пред сѐ ќе треба да знаат англиски јазик. Што може да биде сериозен предизвик за тие што се во партиските тефтерчиња за вработување, затоа што јазичното студио од Пловдив што издаваше ТОЕФЛ сертификати на кандидатите за функции веќе не работи. Јулија си летнала од Бугарија.
2Како што премиерот Христијан Мицкоски ги нарече тепачи тепаните контролори на летање кои и во јануари 2024 протестираа против партиски вработувања во М-НАВ, така и прагот за потписи за кандидирање кандидати за учество на избори го спореди со праг на освоени гласови на избори за влез во германскиот Бундестаг.
Мицкоски вели: „Во Германија за да се влезе во Бундестагот треба 5 проценти, во други држави 3 или 4 проценти… носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“.
Тоа што го зборува Мицкоски барем сега, во време на Гугл, е лесно проверливо. Башка што и луѓето во тие граѓански организации за кои дава оценка дали чинат, или не чинат, не се необразовани, ненајадени и ненашетани.
Не верувам дека Мицкоски не знае оти има разлика меѓу број на потписи за кандидатура на независни листи и број на освоени гласови на избори. Исто како што не верувам дека и на партиските школи на „Конрад Аденауер штифтунг“ го учеле дека врв на демократија и најдобар граѓански интерес е да им го попречиш на граѓаните правото да кандидираат свои претставници на изборите, со тоа што од позиција на претседател на владејачка партија ќе им кажеш што е нивниот интерес.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК