Опаѓа рејтингот на Трамп поради списокот на Епштајн и поддршката за министерката Пам Бонди

Некои од најлојалните поддржувачи на Доналд Трамп наводно се свртуваат против претседателот откако тој ја бранеше државната обвинителка Пам Бонди и нејзиното ракување со документите поврзани со Џефри Епштајн, пишува UNILAD.

Со години кружат теории на заговор дека Епштајн имал некаков список на клиенти што ги вклучувал богатите и моќните поврзани со трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација. Минатата недела, министерката за правда и главен обвинител Пам Бонди и Министерството за правда негираа дека таков список воопшто постои и рекоа дека нема да објават дополнителни документи поврзани со случајот.

„Епштајн се повторува одново и одново со години“, објави Доналд Трамп на неговата мрежа Truth Social. „Зошто воопшто обрнуваме внимание на досиејата напишани од Обама, корумпираната Хилари, Коми, Бренан и губитниците и криминалците од администрацијата на Бајден?“, објави тој.

Додека Трамп се обидува да ги убеди своите поддржувачи да продолжат понатаму, многу од нив се собраа на Самитот за студентска акција. На самитот организиран од конзервативната активистичка група Turning Point USA, една од главните теми на дискусија беа документите поврзани со Џефри Епштајн.

Шерон Ален, 24-годишна девојка која беше меѓу учесниците во Тампа, ги сподели своите мисли. „За мене, ова воопшто не е работа на Пам Бонди. Поентата е: Трамп, те избравме затоа што требаше да бидеш различен. Затоа мора да ни докажеш дека си различен. Можеш да ја отпуштиш, да правиш што сакаш, но на крајот на денот, Трамп, ти си претседател. Ти верувавме да се ослободиш од тие луѓе и да ги разоткриеш“, рече таа.

Според анкетата спроведена од платформата ActiVote, популарноста на претседателот Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат. Во анкетата спроведена на 523 возрасни лица помеѓу 1 и 30 јуни, националниот рејтинг на одобрување на Трамп беше 45 проценти, додека 52 проценти од испитаниците не ја одобруваат неговата работа.

Ова му дава негативна разлика во рејтингот од -7, што е најлошиот резултат во вториот мандат досега, а трендот на опаѓање се чини дека продолжува. Иако многумина се очигледно незадоволни од начинот на кој Трамп ја води канцеларијата на претседателот, моменталниот рејтинг на одобрување е сè уште подобар од неговиот просек во неговиот прв мандат, кога неговиот рејтинг беше паднат на 41 процент

Back to top button
Close