Опасна корона варијанта и се заканува на Европа – се шири агресивно и брзо

 

Агенцијата за контрола на болести на ЕУ има добри и лоши вести кога станува збор за XBB.1.5, подваријанта на коронавирусот со прекарот Кракен која беснее низ САД и ги држи епидемиолозите будни ноќе.

Лошата вест е дека XBB.1.5 брзо се шири, најверојатно затоа што има некои големи предности во однос на моментално доминантните соеви на омикрон, а добрата вест е дека Европа има време да се подготви ако и кога бројот на инфекции ќе почне да расте.

“Постои можност оваа варијанта да има се поголем ефект врз бројот на заболени од КОВИД-19 во Европа, но не во наредниот месец бидејќи варијантата моментално е присутна само на многу ниски нивоа“, пишува Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во својата проценка.

Марија Ван Керхове од Светската здравствена организација (СЗО) вели дека здравствената агенција е загрижена за брзината со која оваа подваријанта ги заменува другите варијанти. Во САД, оваа варијанта премина со 4 проценти од секвенционирани случаи на 40 проценти за неколку недели. Меѓутоа, сè уште не е познато дали предизвикува потешка инфекција.

ШТО СЕ ЗНАЕ?

ЕЦДЦ пишува дека забрзаното темпо на ширење веројатно се должи на способноста на подваријантата да ја избегне заштитата на имуниот систем обезбедена од претходни инфекции или вакцинирање. Исто така, има мутација во својот шилест протеин – делот од вирусот што се врзува на клетките на домаќинот – што може да даде одредена предност.

Оваа подваријанта засега е само блесок на радарот во Европа во однос на бројот на случаи, соопшти ЕЦДЦ, иако е откриена во Данска, Франција, Австрија, Холандија, Германија, Италија, Шпанија, Шведска, Исланд, Белгија, Чешка, Португалија и Ирска. Податоците што доаѓаат од САД сугерираат дека XBB.1.5 се шири агресивно, при што случаевите се удвојуваат на секои девет дена.

Опасноста е во тоа што експлозијата на случаи се совпаѓа со и онака тешката сезона на грип и респираторниот синцицијален вирус, што ги оптоварува болниците. Во Белгија, јавните здравствени власти прогласија епидемија на грип поради порастот на случаите, а пикот се очекува за три до четири недели.

Но, само затоа што оваа подваријанта предизвика експлозија на случаи во САД, не значи дека такво сценарио ќе се случи во Европа.

XBB.1.5 би можел да стане доминантна варијанта

Оваа варијанта би можела да се прошири во Германија и остатокот од Европа во следните недели и да стане доминантна варијанта, алармираа германските епидемиолози.

“Можеме соодредена сигурност да прогнозираме дека оваа варијанта ќе преовладува и кај нас“, изјави Хајо Зееб од Институтот за превенција, истражување и епидемиологија Лајбниц во Бремен.

Според него, XBB.1.5 се среќава со губење на имунитетот кај лица кои биле вакцинирани или одамна ја прележале болеста.

Тој, сепак, додава дека во моментов бројот на познати случаи на варијантата XBB.1.5 во Германија е многу мал и дека нема потреба да се размислува за нови мерки.

Варијантата откриена во октомври многу брзо се прошири во североисточниот дел на САД и од средината на декември стана доминантна во тој дел на земјата, додека во другите делови е помалку присутна.

Има многу малку информации за сериозноста на болеста што ја предизвикува оваа варијанта, изјави Ричард Нехер, шеф на истражувачката група за еволуција на вируси и бактерии на Универзитетот во Базел, но проценува дека таа не се разликува значително од другите варијанти по тоа прашање.

Back to top button
Close