Опозицијата бара надзорна расправа за „Еуростандард банка“ во Собранието

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе достави барање за спроведување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на „Еуростандард банка“. Иницијативата е поддржана од целата опозиција од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и Левица, информира Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ оти банката свесно е доведена во стечај со одлевање на големи суми на пари преку кредити без покритие за финансирање на фирми од Струмица блиски до семејството Заеви, ги потврдил и сопственикот на „Еуростандард банката“, кој јавно објавил и дел од фирмите каде, според него, завршувале парите од банката, а кои фирми немале покритие за кредитите, односно биле банкротирани.

– Ова е криминал од 200 милиони евра, каде оштетени се 100.000 граѓани. Овој криминал кој води до Струмица не смее да остане не расчистен. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа, на која ќе бидат повикани сите релевантни чинители, како гувернерката на НБРМ, сопственикот на банката, оштетените штедачи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање и ЈО. Мора да има одговорност за секој оној кој го довел во опасност финансискиот пазар на Република Македонија и имотот на граѓаните, рече Јованчев.

Тој вели дека е недозволиво поради тоа што некој правел сомнителни трансакции, сега да трпат 20.000 пензионери од руралните делови на државата, кои се уште немаат подигнато пензија, затоа што до сега примале пензија преку пошта. Исто така, додава тој, не може заради желбата за богатење на неколкумина над 2000 фирми сега да не можат да дојдат до своите пари. ВМРО-ДПМНЕ бара  одговорност и за тоа што 780 луѓе кои имаат повеќе од 30 илјади евра во банката сега не можат да си ги земат своите пари, односно им пропаднале.

За да се лоцира одговорноста, потенцира Јованечев, најдобро е да се откријат фактите, што според него, е и целата на оваа Надзорна расправа.

Back to top button
Close