Опозицијата обвинува: Пари од Британија за железница, а зад нив – мигрантски договор


Од СДСМ денеска обвинија дека проектот за изградба на брза железница низ Македонија е директно поврзан со договорот со Велика Британија, кој, според нив, вклучува и обврски за прифаќање мигранти.

Како што наведуваат од опозициската партија, ваквите тврдења дополнително се потврдени со денешната изјава на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој посочил дека изградбата на брзата железничка линија од Србија до Грција, која минува низ Македонија, е дел од договорот со Британија.

„Ова е уште една потврда дека договорите за, како што велиме, распродажба на Македонија преку мигранти за пари се реалност“, соопштија од СДСМ.

Од партијата тврдат дека кредитот од шест милијарди евра од Велика Британија е условен со прифаќање мигранти, повикувајќи се на објави во британските медиуми. Според нив, секојдневно излегуваат нови докази кои ја потврдуваат оваа теза.

СДСМ ја поврзува оваа тема и со, како што велат, „предавството во Собранието“, алудирајќи на гласањето за контрарезолуцијата, а дополнително обвинува дека Владата мигрантите ги претставува како „економски работници“.

„Сценариото е јасно – избори, па мигранти за пари“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека граѓаните ќе стават крај на, како што ги нарекуваат, криминалните политики.

Од Владата засега нема официјален одговор на овие обвинувања.

Back to top button
Close