Опозицијата против законот за внатрешни работи – Пашоли: Нема да го гласаме, избришана е правичната застапеност

Европскиот фронт не се согласува со новиот текст на законот за внатрешни работи кој го предложи власта. Пратеничката Арбана Пашоли вели дека предлогот не е прифатлив бидејќи во него не е предвидена правична застапеност но и родовата еднаквост, за што иако најави дека во натамошната процедура ќе поднесат амандмани, рече дека нема да дадат поддршка за овој закон.

-Овој режим кој што продолжува една и повеќе години од ова парламентарно мнозинство и од Владата се обидува на секој начин да го минира секој механизам кој што е за правичната застапеност каде што во минатото се правеле многу обиди овие механизми не само да се стават во законски одредби, но истите треба да се имплементираат, изјави Арбана Пашоли од Европски фронт.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој претходно го образложи законското решение рече дека она за кое говорела Пашоли е за законот за полиција, а дека правичната застапеност останува во законот за внатрешни работи. Тоа е направено да не се повторува оваа одредба, бидејќи законот за внатрешни работи се однесува на сите вработени.

–Вие госпоѓо говоревте за законот за полиција, јас говорев за законот за внатрешни работи. Законот за полиција точно е да, тоа што го велите, член 96 е избришан од законот за полиција и тука сте во право дека е избришан. Но членот 2 во законот за внатрешни работи јасно и прецизно го дефинира истото тоа што го дефинираше членот 96 во законот за полиција. Односно законот за внатрешни работи се однесува на сите вработени во законот за внатрешни работи, законот за полиција ги опфаќа само полициските службеници, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Со одредени забелешки излезе и Оливер Спасовски од СДСМ, поранешен министер за внатрешни работи. Тој вели дека со новото законско решение ќе се укинат многу работни позиции. Тошковски рече дека е точно, но дека ќе се укинат раководни позиции кои се премногу.

-Мислам дека се кратат одредени работни места кои што се на оперативно ниво и работни места кои што значат многу во оперативното работење и тоа на најниско ниво таму каде што има директен допир до граѓаните, додека пак кратењето на повисоко ниво не е случај, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.

-Ќе се кратат раководни позиции, ќе се кратат помошници, началници, заменици началници, на заменикот дозаменик, на помошникот допомошник и така натаму. Такви ги има многу. Да, ќе се кратат за сметка на тоа ќе се зголемуваат извршителски позиции и ќе се зголемуваат позиции кои што ќе бидат видливи за граѓаните, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Законот го помина првото читање, а понатаму ќе биде даден на комисиска расправа.

Back to top button
Close