Опозициските партии на Албанците обвинуваат, ДУИ негира – каде се собираат потписи за кандидатурата на Османи

Коалицијата на опозициски партии на Албанците обвини дека владејачката партија ДУИ, потписите за кандидатурата на Бујар Османи за претседателските избори, ги собира во партиските канцеларии.

На снимки објавени од албанската опозиција, се гледаат поголеми групи на граѓани кои потпишуваат документи.

Сепак, според координаторот на ДУИ во Собранието, Арбр Адеми, воедно и портпарол на партијата, станува збор за луѓе кои масовно се зачленуваат во нивната партија.

„На тие снимки се појавуваат граѓани кои се зачленуваат во ДУИ, во штабовите на ДУИ. Точно се гледа дека на формуларите стои логото на ДУИ. А процесот на собирање на потписи е сосема друга активност која се одвива на регионалните центри на Државната изборна комисија и гледаме реки од народ за кандидатурата на доктор Бујар Османи“,изјави Адеми за Сител ТВ.

Принтскрин од видеото објавено од опозициските партии на Албанците

Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), Османи убедливо ги надминува останатите 10 кандидати и од потребните 10.000 веќе има повеќе од половина собрани потписи.

Актуелниот градоначалник на Куманово и кандидат за претседател од ЗНАМ, Максим Димитриевски има собрано околу 3.5 илјади потписи, а по него следи професорката Билјана Ванковска од Левица со 2.700 потписи досега.

Потписи за претседателските кандидати се собираат само во подрачните единици на ДИК. Ќе се собираат до 8 март.

Принтскрин од видеото објавено од опозициските партии на Албанците

Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ по партиската конвенција за 3.март ќе се кандидира и со граѓански потписи и со пратеничка поддршка, а се уште нема информација како не настапи актуелниот претседател Стево Пендаровски кој ја ужива поддршката од СДСМ.

Претседателските избори се закажани за 24.април, односно 8.мај кога по вториот круг ќе биде одлучено кој ќе ја води државата во наредните пет години.

Back to top button
Close