Општ хаос во Бангладеш по соборувањето на премиерката Хасина
Новата влада на Бангладеш се бори да се справи со низа проблеми, вклучително и тешката економија и кршењето на човековите права по соборувањето на премиерот Шеик Хасина пред шест месеци.
Во август Хасина побегна во Индија, по бунтот предводен од студентите, кој стави крај на нејзиното 15-годишно владеење, а власта ја презеде привремената влада предводена од добитникот на Нобеловата награда за мир, Мухам Јунус.
Кон крајот на јануари, „Хјуман рајтс воч“ наведе „вознемирувачки образец на злоупотреби на безбедносните сили“ што повторно се појави по соборувањето на Хасина, овој пат насочени кон поддржувачите на нејзината партија, вклучително и новинари.
Здружението на уредници и групите за човекови права ја обвинија новата влада за систематско сузбивање на независните медиуми, но властите велат дека немало заплашување.
Советот за хиндуистичко, будистичко и христијанско единство во Бангладеш ја обвини привремената влада дека не ги заштитила верските и етничките малцинства од напади и малтретирање. Владата ги негира обвиненијата. Од падот на Хасина, исламистичките групи се значително повидливи.
Партијата Авами лига на Хасина неодамна објави планови за протести во февруари, вклучително и генерален штрајк. Тоа ги налути студентските активисти и групите против Хасина, кои во средата упаднаа и го урнаа историскиот дом на нејзиниот татко, борецот за независност од Бангладеш, Муџибур Рахман.
Главниот ривал на Хасина, Националистичката партија на Бангладеш побара од владата да одржи избори оваа година или ќе се соочи со улични протести. Јунус вети дека ќе има избори или во декември или до јуни следната година.
Хасина се соочува со кривична пријава за смртта на стотици демонстранти во немирите во јули и август минатата година. Во говорите објавени на интернет од егзил и во протечените снимки од телефонски разговори, таа рече дека ќе се врати.
Привремената влада побара нејзина екстрадиција од Индија. Специјалниот трибунал кој се занимава со наводите за злосторства против човештвото побара од Интерпол да ја уапси Хасина. Членовите на нејзиното семејство се надвор од Бангладеш, заедно со многу партиски лидери и поранешни министри. Другите се или во затвор или се кријат.
Привремената влада формираше шест комисии за реформи во неколку сектори, вклучително и изборниот систем, владеењето на правото и јавната администрација. Владата сега ги испитува нивните извештаи.
ХРВ ја повика привремената влада да воспостави законски практики за притвор и да ги укине законите што се користат против критичарите. Владата предводена од Јунус го укина Законот за кибербезбедност, што се користеше за задушување на слободата на говорот, но го замени со регулатива што содржи многу од истите штетни одредби.