Општина Битола ќе врши проценка на предизвиканата штета по вчерашното невреме

Општина Битола одлучи да изврши проценка и обесштетување на земјоделците кои вчера претрпеа штети по поројниот дожд што падна во битолско поле.
Од Секторот за односи со јавност информираат дека по силните врнежи од дожд и невремето кое ја зафати Битола во текот на вчерашниот ден, има големи последици врз земјоделските култури во неколку битолски села. Со цел да им се помогне на земјоделците во намалување на последиците со кои се соочуваат, Општина Битола преку надлежна комисија за проценка на штети ќе излезе на терен, а земјоделците имаат обврска да пријават во локалната самоуправа.
Пријавувањето за проценка на штета ќе се врши до 13 јули, нагласуваат од Општина Битола.