Општина Центар доби зелен катастар, но претстои уште борба за зелените површини
Листопадни дрвја од видот Platanus occidentalis со висина од 10-12 метри виреат покрај „Кеј 13 Ноември“. Зимзелено Betula Pendula расте до 15 метри, а е насадено до „Партизанска“. Дрво од видот Tilia Cordata, пак, е со оштетена крошна и ги придружува на патот советниците и административците во Дебар Маало.
Ова се само дел од информациите што ги дознавме со неколку „кликови“ од зелениот катастар на Општина Центар, откако граѓанската иницијатива Шанса за Центар објави дека, конечно, е реализирана нивна подолготрајна заложба.
Воедно и законска обврска на службите.
Па, сега – граѓаните можат да влезат на ГИС-порталот на општинарите и да проверат профил на околу 10.000 дрвја. Односно, да дознаат каде и какво дрво е заседено, дали е тоа липа, костен, јавор, колку е високо, широко, дали е читаво… а можат да го видат и на фотографија.

Извор на фотографии: gis.centar.gov.mk
„Центар изработи и објави катастар на зеленилото кое е под нејзина надлежност. Катастарот е заедничка шанса да се увиди состојбата со зеленилото и да се преземат мерки за негово одржување, обновување и проширување“, посочија од Шанса за Центар.
На прв поглед, засега, нема влучено дрвја од паркот „Жена-борец“, ниту од Градски парк, каде информации се регистрирани до Паркот на Франкофонијата и делот крај Вардар. Празни се и полињата за „возраст“ и „сезона“ на секое дрво.
Процесот се’ уште ќе трае и нови податоците треба да се обработуваат и ажурираат.
„Сѐ уште има технички проблеми и недостатоци за кои ќе им укажеме на службите, но сепак е почеток. Следен чекор треба да биде и Стратегија за зеленилото, конкретен план со мерки и повеќе пари и стручни луѓе за одржување на зеленилото“, велат од Шанса за Центар.
Од таму ги повикуваат граѓаните да го истражуваат зелениот катастар.
„Побарајте ги дрвјата во вашето соседство и пишете ни доколку имате забелешки на [email protected]“, соопштија од иницијативата.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски посочи дека е важно граѓаните да имаат пристап до податоци за состојбата на зеленилото. Да постои контрола и транспарентност во урбаното планирање.
„Зелениот катастар ни овозможува реална слика за тоа што го имаме и што ни недостига. Тоа е суштинска алатка за долгорочна заштита на зеленилото“, нагласи Герасимовски.
Како што објаснија од Центар, општинските служби работеле на терен на подготовка на катастарот околу година и пол, а во утврдување на состојбата на дрвјата, помош добиле од професори од Шумарскиот факултет.
Зелен катастар се’ уште е мисловна именка за голем број општини
Во Законот за урбано зеленило, од 2018 година правно се регулираше извршување попис на урбаното зеленило во државата, па катастарот стана задолжение за сите општини.
Сепак, Државниот завод за ревизија (ДЗР) во неодамна објавениот документ „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“, наведува дека од 34 општини со седиште во град 29 не преземале активности за да воведат Зелен катастар, со што не ги обезбедиле предусловите за правилно планирање и одржување на зелените површини.
„Зелен катастар во форма на ГИС-портал имаат само три општини – Град Скопје, Кавадарци и Охрид. Понатаму, само само две општини, Град Скопје и Општина Охрид, имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото. Тоа, укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво“, соопштија од ДЗР во извештајот, правен пред Општина Центар да го подигне зелениот катастар.
Од една страна регистрација, од друга – уништување зеленило
Она што еко-активистите долго време повторуваат, е тоа што покрај регистрирање и одржување – дрвјата треба да се чуваат и од градежни апетити.
Пример, конкретната општина Центар претрпи огромни загуби на дрвја во изминативе две-три децении, што значеше и пораз кон заложбите за чист воздух и квалитетен живот, знаејќи дека Скопје секој ноември до март-април се натпреварува со најзагадените градови во светот.
Според своевремена анализа на „Плоштад Слобода“, од 2002 до 2014 година зеленилото во ДУП „Мал ринг“ е намалено за 55%. Со динамиката на градење, особено со контроврзниот проект „Скопје 2014“, проекциите беа дека од расположливи 75.649 м2 – во 2017 година зеленилото ќе се намали до 34.994 м2. Тоа важеше за делот кај „барокниот“ плоштад, околу кејот, некогашниот парк кај „Бристол“…
Но, градежната експанзија продолжи и по „Скопје 2014“. Еден пример е „Урбан парк“, кој замина во историјата, барем онаков каков што локалците го познаваа. Општината уверуваше дека паркот „ќе се компензира со нов поубав парк“, додека Шанса за Центар подигна аларм: не можат да се надомести загубата и тоа само ќе придонесе да се создаде нов топлотен остров во срцето на Скопје.
Затоа еко-активистите со години инсистираат на одбрана од градежни налети, надлежните да најдат механизми и да се спротистават на „прехранувањето“ со градежни комуналии како единствена мерка за преживување, а истовремено да воведуваат и зелени катастери, со цел граѓаните да имаат увид на теренот и да прават позитивен притисок.
Таква беше иницијативата за зелено поврзување на ниво на Скопје. Зелениот катастар за Скопје, правен во 2019 година со соработка со УНДП, беше претставуван како големо достигнување од градските власти. Сега, 5-6 години подоцна, Зелениот катастар практично нема некоја функција. Последното раководство не најде време и ресурси да го надополни, иако тој е законска обврска со Законот за урбано зеленило од 2018-та, додека со новите измени се предложија повисоки казни меѓу 3.000 и 30.000 евра ако институциите не го ажурираат.
Активисти од Зелен Хуман Град имаа и амандман да се обезбедат повеќе средства и со Шумарски факултет да се мапираат сите површини, но безуспешно помина во Советот. Меѓувремено, Градот и општините си ја префрлаа одговорност за тоа кој е крив што не е комплетен катастарот.
Во него се забележани преку 105.000 дрвја и преку 65.000 грмушки, но Зелениот катастар на Град Скопје е полн со погрешни и некомплетни информации, реагираа на неколку пати еко-активистите.
Извор: Радио МОФ