Општина Центар го раскина договорот со планерската куќа за „Треска“, се бара решение прифатливо за сите

Прво нешто што го направивме е што го раскинавме договорот со планерската куќа која што ги правеше ДУП-овите Буњаковец 1 и 2, а таму е и „Треска“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој во „Утрински Брифинг“,  на Слободна ТВ зборуваше за урбанистичкото планирање во општината.

Според Герасимовски, решението е измена на ДУП-от, нешто што требало да се направи многу одамна. Во тек е барањето за нова планерска куќа и спроведување на нов ДУП, во кој влегува и „Треска“ во Буњаковец 2.

„Ако било спроведено пред две години и се изменил ДУП-от, сега таму ќе сме имале идејно архитектонско решение, кое ќе сме можеле сега да го спроведуваме. Секако дека ќе дадеме и ние насоки, но сепак треба да имаме предвид дека тоа е и приватно земјиште. Дека е изминат голем период каде што луѓето купиле некои парцели, се задолжиле во банки, плаќаат камати. Имаме можности за тужби, значи седнуваме и се договараме за да немаме тужби. Утре ќе се блокира општината, кој ќе го плати ‘цехот’ на крај? – вели Герасимовски.

Тој потенцира дека во барањето решение за ваквите ситуации, мора да се почитуваат и законите, вклучувајќи ја и „Треска“ – таму луѓето купиле имот, бараат дооформување, утре ќе бараат дозволи, а општината законски не смееме да ги сопреме.

Според градоначалникот Герасимовски, идејното решение не е идеално и сега е побарано од партиципативното тело да се презентира тоа идејно решение. Најавува дека до решение ќе се дојде со сослушување на сите страни – општината, архитекти, сопственици.

„Верувам дека ќе се најде заеднички јазик, дополнително и во текот на следната недела пак повторно ќе седнеме и со инвеститорите и со Комисијата за урбанизам за да говориме на таа тема и да најдеме едно заедничко најдобро решение – додава Герасимовски.

Во однос на друга локација која исто така предизвика реакии во јавноста, тоа е просторот спроти „Холидеј Ин“, Герасимовски вели дека таму има издадено една дозвола, се намалуваат другите катови на останатите две згради за кои уште не се побарани дозволи. Негов став е дека просторот треба да се урбанизира најбрзо што може, бидејќи има трошни куќи од кои половина се распаднати.

Како граѓанин и жител на Центар, сопруг, родител, активист, зошто кај нас сите сме активисти, треба да видиме кој стои позади и колкава маса на луѓе го подржуваат тоа. Искрено сметам дека сега и таму е бетонизација. Имаме бетон, имаме трошни куќи, од кои половина се распаднати. За жал немаме ни канализациона мрежа и се останато, треба да се урбанизира, час поскоро – вели градоначалникот на Центар.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close