Герасимовски обезбеди механизација за чистење, додека Град Скопје ги угуши скопјани во смет
Општина Центар не чека од градската власт да го среди хаосот со сметот, туку самата интервенира. Градоначалникот Горан Герасимовски, во својата објава на Фејсбук информираше дека заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар” Душко Коцевски, потпишале договор за изнајмување на дополнителна механизација за поефикасно чистење на центарските улици.
„Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и за достоинствено урбано живеење”, стои во објавата на Герасимовски.
Додека ЈП „Комунална хигиена” под надлежност на Град Скопје со месеци и години не ги исполнува законските обврски, оставајќи ги улиците не само во Центар, туку во цело Скопје преполни со отпад, Општина Центар наместо да чека самата обезбеди опрема и возила за собирање, транспорт и миење на прометните површини.
Новата механизација опфаќа камиони-ѓубретарки, специјализирани метларки, цистерни за миење улици и изнајмени метални контејнери. Герасимовски најави дека теренските активности започнуваат веднаш, со акции во повеќе смени, за да се спречи хаосот што го создава негрижата на Град Скопје.
Со овој потег, Општина Центар покажува дека интересот на граѓаните е пред сè, дури и во услови на институционална блокада.