Општина Гази Баба додели 910 таблети за ученици од ранливи категории

Вкупно 910 ученици од ранливи категории и повеќедетни семејства, од сите единаесет основни училишта во општина Гази Баба добија таблети за следење на онлајн настава. Како што посочи градоначалникот Борис Георгиевски, со овие ИТ уреди секое дете ќе има еднакви можности за следење на наставата.

Тој посочи дека е горд што таблетите стасаа до рацете на учениците, иако како што рече, општината поминала низ повеќемесечна работа во процесот на набавка на таблетите, предизвикана првенствено поради физичкиот недостаток на доволен број ИТ уреди на македонскиот пазар.

– Два месеци чекавме од ИТ компаниите да успеат да ги обезбедат потребните количини за да ја исполниме вкупната бројка од 910 таблети, но на крајот, горди сме што не остана ниедно дете без уред, односно без можност да ја следи онлајн наставата. Успеавме да обезбедиме таблети не само за децата од социјално ранливите групи, туку и децата на повеќедетни семејства кои лани мораа да учат истовремено од само еден уред, изјави Георгиевски.

Градоначалникот упати благодарност до компаниите и Амбасадата на НР Кина кои се вклучија во процесот за обезбедување на таблети за учениците.

Back to top button
Close