Општина Кисела Вода: На прославата на Илинден се потсетуваме на големите дела на македонските револуционери

Општина Кисела Вода преку соопштение го честита најголемиот државен празник Илинден.

– Денеска на прославата на нашиот најголем државен празник 2 Август, Илинден, на одбележувањето на 117 години од Илинденското востание и 76 години од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), со гордост се потсетуваме на големите дела на македонските револуционери кои учествуваа во ослободителните борби, се вели во честитката.

Се потсетуваме, велат од Општината, на денот кога востаниците во Крушево, на христијанскиот празник „Св. Илија“, на 2 август во 1903 година ја почнаа борбата за слобода, правда и еднаквост меѓу народите, борба по која беше формирана првата Република на Балканот, Крушевската Република.

– И по ова, борбата на македонскиот народ за слобода и создавање на своја држава продолжи. На 11 октомври, во 1941 година започна и востанието против фашистичките сили. По успешната борба на партизаните, уште еден многу голем настан со кој се гордееме е и одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, кое на денешен ден, во 1944 година, се одржа во манастирот „Св. Прохор Пчински“. На заседанието во манастирот беа донесени повеќе решенија, со кои беа поставени темелите на македонската држава. Македонскиот народ, по двата Илиндена, на 8 септември во 1991 година, на референдумско изјаснување конечно ја оствари вековната идеја за своја суверена, независна и самостојна држава, наведуваат од Општината.

Оваа година, во март, додаваат, нашата држава ги оствари целите кои носат подобар живот – започна преговори за влез во Европската унија, а во насока на зачувување на мирот и стабилноста стана 30 членка на НАТО.

Back to top button
Close