Општина Крива Паланка најтранспарентна во Македонија

Општина Крива Паланка се најде на првото место во државата според најновата анализа на Индексот за отвореност на општините за 2024 година, кој го спроведува организацијата ЗМАИ (Здружение за истражување и анализи), информира Службата за комуникација со јавноста при Општината.

Оттаму посочуваат дека ова е значаен успех што ја потврдува континуираната заложба на Општината за транспарентно, отчетно и одговорно правување со јавните средства, како и нејзината посветеност кон активно вклучување на граѓаните во буџетските процеси.

Индексот за отвореност, кој ЗМАИ го спроведува веќе пет години, мери колку општините ги споделуваат буџетските информации со јавноста, известуваат за начинот на трошење на јавните пари, ги вклучуваат граѓаните и маргинализираните групи во буџетското планирање, колку применуваат антикорупциски мерки и практики на добро управување.Според резултатите од вкупно постигнатата вредност на индексот за 2024 година, Општина Крива Паланка е најотворената општина во државата, поставувајќи стандарди на транспарентност и отчетност во локалното управување.

-Ме радува фактот дека резултатите, вложениот труд и напорната работа во интерес на граѓаните даваат резултати, а ова признание е резултат на една системска работа и континуирана заложба на општинската администрација за навремено и јавно објавување на сите информаци поврзани со буџетот, како и за активно вклучување на граѓаните во процесот на одлучување. Нашата цел е да продолжиме транспарентно, отворено и одговорно, во интерес на секој сограѓани, зошто веруваме дека, само преку отвореност и доверба, може да се создаде подобра и поефикасна локална самоуправа, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во извештајот за отвореност на општинските буџетски процеси, ЗМАИ наведува дека бројот на општини со недоволна отвореност континуирано се намалува, додека бројот на општини со висока и задоволителна отвореност расте. Општина Крива Паланка со својата водечка позиција, преставува пример за добра пракса и позитивен пример во насока на транспарентно и отчетно управување со јавните ресурси.

Back to top button
Close