Општина Охрид нема да дозволува диво поставување урбана опрема на плажите на езерото
Општина Охрид нема да дозволува диво поставување урбана опрема на плажите на Охридското Езеро, единствено само оние субјекти што имат склучено соодветни договори со Општината.
Со цел да се спречи узурпирање на поголем простор и поставување на лежалки, маси, столици и реквизити надвор од договорената површина за поставување на урбана опрема, инспекторите од Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид спроведуваат редовни контроли на плажите.
Од Општина Охрид најавуваат дека контролите ќе бидат континиурани во текот на целата летна сезона и ќе бидат во координација со Државниот пазарен инспекторат. Редовни контроли ќе се спроведуваат и на слободните плажи кои не се издадени под концесија и за кои нема договори за поставување на урбана опрема, со цел да се превенира диво поставување и издавање на реквизити.
Активностите се спроведуваат во насока на воведување ред во стопанисувањето со брегот на езерото и обезбедување повеќе слободен простор за жителите и туристите, кои одмараат на крајбрежјето.