Oпштина Ѓорче Петров троши над 100.000 евра за опремување на новата општинска зграда

Над 6,2 милиони денари или над 100.000 евра ќе потроши општина Ѓорче Петров за да ја опреми новата општина зграда.

За таа намена градоначалникот Александар Стојкоски потпишал три посебни договори со фирми за доизградба и опремување на општинската зграда.

Најмногу пари или 3, 53 милиони денари општината ќе потроши за систем за разладување, бакарни цевки и рачви како и телекомуникациски кабли.

За врати, кабини за тоалет и стакла за шалтери ќе се потрошат над еден милион денари, додека за молеро – фарбарски и гипсени работи одвоени се 1,62 милиони денари.

Новата општинска зграда во Ѓорче Петров е изградена преку јавно – приватно партнерство со Трансмет уште во времето кога градоначалник беше Сокол Митровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш, СДСМ обвинуваше дека проектот е на штета на општината и во корист на Трансмет

Иако објектот за новата општинска зграда со години е готов, поранешниот градоначалник на општината Александар Наумоски одбиваше да се пресели во неа, поради големите трошоци за опремување.

Но, очигледно актуелниот градоначалник Стојкоски мисли поинаку и сака општинската администрација да ја пресели во нов модерен објект.

Додека се набавува опрема за новата зграда, жителите на Ѓорче Петров се жалат дека заради штедење на струја, по полноќ немаат улично осветлување и дека поради тоа во одредени населби зачестиле кражбите но и нападите на уличните кучиња.

Back to top button
Close