Општина Тетово сотре дрворед со стогодишни стебла, граѓаните гневни

Општина Тетово денеска непријатно ги изненади граѓаните – без никаква најава, работниците на Јавното комунално претпријатие утрово исекоа цел дрворед на улицата „Страшо Пинџур“. За дел од дрвјата, кои не беа болни, градските хроничари велат дека се посадени во 1929 година.

Фото: Еко герила/Фејсбук

На социјалните мрежи, реакциите за сечата беа речиси исклучиво негативни. Еко-активистите не се задоволни од објаснувањето од општината, која вели дека дрвјата се сечат за улицата да биде реконструирана „според стандардите“. Градоначалникот Биљал Касами вели дека дрвјата биле исечени и затоа што ги оштетувале тротоарите, како и дека ќе бидат посадени нови дрвја, кои нема да прават оштетувања.

Реагираа и од еколошката организација „Еко герила“.

„Сечењето дрвја на една од најстарите улици во градот е неприфатливо и од еколошки аспект и од историската меморија на градот. Новите садници не ја заменуваат историјата на дрвјата стари 70-80 години. Во многу развиени земји, сечењето дрвја на овој начин е исто така кривично дело и за ова се оди во затвор. За жал, немањето урбана култура и визија за градот има неповратни последици. Бараме одговорност!“, велат од организацијата.

Фото: Еко герила/Фејсбук

„Сакаме јавно најостро да го осудиме масакрот кој се случи утрово над дрвјата на ул. „Страшо Пинџур“, а реакциите на граѓаните ќе ги пренесеме и на средба со градоначалникот“, велат од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“.

Фото: Фејсбук

Асфалтот на оваа улица беше раскопан уште во октомври минатата година, за време на претходната локална власт. Касами сега најавува дека активностите за санација ќе завршат до крајот на јуни.

Back to top button
Close