Општините соочени со дивоградби, немаат доволно инспектори, бараат помош од државата

При дешниот увид на градежните работи на изградба на водоводот за велешките села Раштани и Бузалкова, на новинарско прашање дали државата може да им помогне на општините во третирањето на дивоградбите, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески појасни дека државата настапува само кога станува збор за предмет од прва категорија. Овие дивоградби се од  втора категорија и тоа, вели, е работа на општинските градежни инспектори.

-Доколку не биде постапено од страна на општината тогаш Државниот градежен инспекторат настапува од име на општината, односно  во член 145 многу јасно е напишано дека  ако не е постапено и има неправилности од страна на општинскиот градежен инспекторат тогаш настапува Државниот градежен инспекторат така што од тој аспект се прочистени работите.  Јас генерално би кажал за целата држава мислам дека државата целосно стои зад општините.И затоа секаде каде што треба да се интервенира општинските градежни инспектори треба да го направат тоа за предмети од втора категорија, додека од прва категорија ингеренцијата е апсолутно на Државниот градежен инспекторат, рече Сугарески.

Коментирајќи го тоа дека општините имаат еден општински градежен инспекторат за една и неколку соседни општини Сугарески појасни дека во 2005  кога беше децентрализацијата се земале предвид и тие работи и оти не станува збор за тоа дека државата не сака да помогне.

-Затоа поголемите општини согласно огласите можат да примаат и повеќе градежни и комунални инспектори и тоа можат да го направат во согласност со другите општини, така што ова е прашање кое треба да им го поставите на градоначалниците бидејќи тие се тие кои вршат прием на инспектори, рече Сугарески во одговор на новинарско прашање.

Градоначалникот Аце Коцевски појасни дека не само Општуна Велес туку и сите општини во државава имаат сериозен  проблем на недостиг на градежни инспектори. Според него градежниот инспектор е едно од најтешките работни места во јавната администрација, а бидејќи тие се изложени на секојдневни шиканирања, закани и уцени по членови на нивните семејства, а од друга страна  платите  им се ниски и градежните инженери и архитекти не се заинтересирани за овие работни места.

-Таков случај, а еден од многуте е од завчера кога еден инвеститор на езерото „Младост“ на вработени од општинската администрација им се заканувал со закани врз членовите на нивните семејства.Тие работни места стануваат непопуларни, платите се ниски и за толкави плати никој веќе не сака да работи на овие сериозни работни места во општинската администрација.Така ние како општина имаме недостиг на градежни инженери, архитекти и градежни инспектори. Затоа треба системски да се реши проблемот  и тие работни места да бидат особено наградувани за да ги привлечеме искусните инженери да дојдат да работат. И тој еден градежен инспектор што го имаме ни се заканува дека ќе си даде отказ. Причината е дека  има премногу работа, а од друга страна не може да ги издржи притисоците кои секојдневно ги чувствува врз себе, вели Коцевски.

Според него , проблемот е многу сериозен и треба да се реши во соработка со институциите на централната власт бидејќи тие ги носат законите кои се однесуваат на статусот на инспекторите. Решение, смета тој, е или платите енормно да им се зголемат за да станат примамливи овие работни места или да се најде друго решение.

-Во краен случај општините да се откажат, а државата да ја земе инспекциската контрола на бесправно изградените објекти, доколку тие се изјаснат дека не можат да се справат со масовна експанзија на дивоградби, вели Коцевски.

Освен во градот, како што информира, Општина Велес деновиве се сочува со наплив  на голем број  дивоградби на планината Бреза и по долното течение покрај реката  Бабуна и локалитетот Пешти, а посебно  по изградбата на патот до Пешти.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close