Општинскиот Оперативен штаб на Дебар бара од Главниот кризен штаб да се преземат поригорозни мерки
– Општинскиот Оперативен штаб на Дебар, на денешната попладневна седница анализирајќи ја епидемиолошката состојба со Ковид-19 истата ја оценува како сериозна.
Тоа, како што е речено, го потврдува појавата на зголемениот број заразени и големиот број сомнителни случаи кои се јавуваат во Општата болница во Дебар.
По темелната анализа, е костатирано дека заштитната маска, физичката дистанца и дезинфекцијата на рацете не се доволни за прекинување на синџирот на инфекцијата.
-Бараме од Главниот кризен штаб да се преземат поригорозни превентивни мерки што ќе бидат во директна корелација со состојбата во општина Дебар. Апелираме до граѓаните да се придржуваат кон мерките за заштита и да не ја занемаруваат ситуацијата, стои во заклучоците на Штабот.
Во Дебар во последното деноноќие потврдени се 18 новозаразени со Ковид-19, со што бројката само во последните десеттина дена е повеќе од 40 лица.
Од почетокот на пандемијата, односно од првите потврдени случаи на 26 февруари, до сега вкупната бројка е 172 лица. Од нив активни на болеста се 110, починаа петмина останатите 57 ја добиле битката со опасниот вирус.