Оптимизам за деблокада на евроинтеграциите во време кога проширувањето на ЕУ станува геостратешко прашање

 Во услови на војната во Украина, прашањето за проширувањето на Унијата станува геостратешко прашање, па затоа ЕУ треба да покаже стратешко лидерство кон Западниот Балкан и да го забрза евроинтеграцискиот процес на регионот, вклучително и на Северна Македонија, порачаа премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломаријата Бујар Османи во Делфи. Во исто време, при пројавениот оптимизам за деблокирање евроинтеграцијата на земјава, претседателот на Бугарија. Румен Радев и порача на Владата во Софија да не отстапува од бугарскиот национален интерес кога е во прашање Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски вчера во обраќање на Делфи економскиот форум во Грција, порача дека Северна Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, а со тоа приклучување секој нејзин граѓанин ќе стане и граѓанин на Унијата, па затоа со новата Влада на Бугарија е воспоставена соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за граѓаните на двете земји.

– Започнавме со нов дијалог затоа што претходно повеќе од една година дијалогот меѓу двете држави речиси и да не постоеше и медиумите практично беа исполнети со пропаганда од страна на поединци, од страна на групи коишто не сакаа да видат постигнување на договор, нагласи Ковачевски.

Тој потенцира и дека регионот на Балканот од секогаш бил сфера на интерес и за Русија, но и за други држави, но ние во земјава имаме јасна цел и согласност меѓу главните политички партии, особено оние коишто се дел од Владата, во врска со нашиот пат кон ЕУ.

– Има поединци, и политички партии и во Собранието и надвор од него, коишто јасно се против ЕУ и против членството во НАТО, па сега зависи од ЕУ да испорача во поглед на своето ветување, затоа што Северна Македонија донесе една од најбитните одлуки во минатото, а ЕУ не го исполни своето во тој момент. Имаше многу дебати, но немаше реално дејствување и сметам дека сега е време, затоа што проширувањето не е само прашање на проширување, туку е прашање од геостратешка важност во врска со се што се случува во Украина и во врска со сите хибридни напади и дезинформации коишто се случуваат во регионот, додаде премиерот.

Според него, токму затоа прашање за проширувањето на Унијата треба да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ.

Министерот за надворешни работи Османи во обраќање на панелот „Европа после Украина” на Делфи економскиот форум, изрази надеж дека Европската Унија ќе ја разбере важноста на моментумот и ќе преземе стратешко лидерство за Западниот Балкан, како што го стори тоа во 2000 година кога презеде стратешко лидерство за источноевропските земји.

– Мислам дека руската агресија, за жал, покажа на најтрагичен начин колку беше важна таа одлука на ЕУ за интегрирање на централноевропските и источноевропските земји, рече Османи, додавајќи дека во регионот на Западниот Балкан постои „тројка од земји кандидати за членство на ЕУ“, кои се целосно подготвени за почеток на пристапни преговори.

На средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас во Делфи, Османи оцени дека руската агресија врз Украина на најтрагичен начин покажа колку е важно проширувањето на ЕУ за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот.

И првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби од Тирана порача дека во моментов Украина е „лозинката“ за интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

– За нас европската интеграција е единствената алтернатива. Европската Унија нема друга алтернатива освен итно интегрирање на регионот. Јасната перспектива за членство во ЕУ е од суштинско значење за стабилноста на регионот, затоа проширувањето мора да се изврши веднаш, веднаш, без одлагање и без никакви двоумења. Колку е подалеку Брисел, толку е поблиску Москва. Колку помалку Европа на Балканот, толку повеќе простор за Русија. Украина не е далеку и сите ги чувствуваме последиците, истакна Груби во обраќање на панелот „Регионот, Европа, безбедноста“, во рамки на Конгресот на албанската владејачка Социјалистичка партија.

Груби нагласи дека во 2008 година во Букурешт, билатералниот спор со Грција ја одвои земјава од заедничкото патување со Албанија и Хрватска кон НАТО, а денес, во 21. век, уште една апсурдна полемика од 18. век ни ја држи затворена вратата на Брисел.

– Гледам дека Европската Унија ја изгубила лозинката за надминувањето на насобраните проблеми и не може да ја најде затоа што некој ја сменил и во последните 50 дена до ден денес, лозинката е Украина, со големо У, додаде Груби.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Скопје, порача дека Брисел без изговори треба да направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажа многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

– Кај мене има оптимизам и за април и за мај и за јуни, и така се до декември и така следната година. Секогаш има оптимизам ако навистина Брисел сака Македонија да ги почне преговорите, истакна Мицкоски, запрашан дали е оптимист за старт на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ во јуни.

Тој истакна и дека опозицијата не знае за каков договор преговара Владата со Софија, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и нема да почитува каков и да е договор со Бугарија што би предизвикал повреда на чувствата на македонскиот народ, би го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција и обичаи и доколку не ја одразува различноста на македонскиот од бугарскиот народ и автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.

– Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на Петков и на Радев, истакна Мицкоски.

На ваквите пораки на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговори СДСМ истакнувајќи дека државните позиции во однос на разговорите со Бугарија се јасни, потврдени и со Резолуција во македонското Собрание.

– Христијан Мицкоски треба да престане со своите неодговорни изјави да и предизвикува штета на македонската позиција и на државниот интерес. Срамно и крајно неодговорно е ова однесување на Христијан Мицкоски, кој само бара начини да ги поткопа државните позиции. Очигледно Мицкоски ревносно ги исполнува насоките и задачите од Никола Груевски, оцени СДСМ во партиско соопштение.

Во исто време, претседателот на Бугарија, Румен Радев, на промоцијата на иницијативата „Да засадиме дрво, да ја оживееме бугарската шума“, порача дака очекувам Владата во Софија строго да се придржува до Декларацијата на Националното собрание, консензусот постигнат на Консултативниот совет за национална безбедност и на волјата на Бугарите за решавање на отворените прашања со Скопје, пред почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија.

– Ставот на Бугарија за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија се базира на резултати, а не на рокови и услови наметнати од странство. Секое отстапување на Владата од бугарскиот национален интерес ќе предизвика нова владина криза, нагласи Радев, додавајќи дека советниците на бугарскиот премиер Кирил Петков никогаш не треба да ги оквалификуваат „македонските Бугари како малцинство“, бидејќи тоа може да го уништи целиот процес на европската интеграција на Република Северна Македонија.

Италијанскиот пратеник и претседател на парламентраната Комисија за надворешни работи, Пиеро Фасино во интервју за МИА истакна дека Италија бара од ЕУ да направи драматична промена во динамиката на процесот на интеграција за земјите од Западниот Балкан.

– Европската интеграција на Западниот Балкан е стратегиски избор што е во интерес и на Балканот и Европа. Европската Унија мора да го промени своето темпо, преговорите треба да се забрзаат за пристапувањето на земјите од Западен Балкан. Во однос на Северна Македонија, потребно е да се свика меѓувладина конференција за да започнат преговорите за членство во ЕУ во следните неколку месеци. Бугарското вето мора да се крене и сметам дека не можеме да прифатиме земја членка на Унијата да наметне вето врз пристапувањето на други земји. Тоа претставува очигледно кршење на правилата на функционирање на Европската Унија, изјави Фасино.

Истакнувајќи дека и војната во Украина е причина зошто ЕУ треба да го забрза темпото на проширување, Фасино изрази надеж дека во светло на овој конфликт бугарските власти се свесни колку тој ја покажува неопходноста од покохезивна, кохерентна и посилна ЕУ, која треба да ги вклучи и земјите од Западниот Балкан.

– Во оваа руско-украинска криза сите мора да бидеме свесни за потребата од забрзување на евроинтеграцијата на Западниот Балкан… Бугарија мора да разбере дека во овој тежок и трагичен контекст, во една ваква трагична ситуација, ветото не може и не смее да продолжи, порача Фасино. с

Back to top button
Close