Ѓорѓевски: Посетата на рускиот митрополит Антониј е дел од процесот на признавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА

Позицијата на Руската православна црква (РПЦ) во однос на процесот на признавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) била во центарот на посетата на рускиот митрополит Антониј, смета новинарот со повеќегодишен стаж во известување за црковни прашања Бранко Ѓорѓевски.

Ако се види составот на руската делегација, кој според Ѓорѓевски, е речиси половина од одделот за надворешни работи на Руската православна црква, тогаш, како што посочи тој во гостувањето на Сител, сигурно се разговарало нешто сериозно, а тоа не е честитка на именденот на г.г. Стефан.

-Знаеме дека СПЦ издаде томос со кој ја призна автокефалноста на нашата црква, меѓутоа треба да се каже, дека тој томос не може да се смета како легитимен, зошто се знае дека конечниот томос треба да го даде Вселенската патријаршија. Но, сега меѓу православните цркви како да е во тек еден „референдум“ околу тој томос, па на една страна имате блок каде влегуваат руската, бугарската и српската, кои што го признаваат тој томос како легитимен. Односно се смета дека нема потреба Вселенската патријаршија да издава некаков томос и потребно е само да се изјаснат позитивно и другите православни цркви и автокефалноста се подразбира, посочува Ѓорѓевски.

Стратегијата во овој поглед, според Ѓорѓевски, е да се оддалечи Вселенската патријаршија од процесот на давање автокефалност на православни цркви, односно да се намали нејзината улога.

-Многу е важно каков став во овој поглед ќе заземат македонските владици, кои што, се во процес на барање и очекување на томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија, изјави  Ѓорѓевски.

Последна посета од овој ранг на Руската православна црква, посочи Ѓорѓевски, е во 2015 година кога во посета дојде Иларион Алфеев.

Back to top button
Close