Ѓорѓиевски е ново-стар претседател на ЗЕЛС, градоначалниците на Центар и на Чаир ќе бидат потпретседатели

Новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, е и ново-стар претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), која денеска одржува генерално собрание.

За повторниот избор за претседател на оваа институција информира самиот Ѓорѓиевски во изјава за медиумите, во која наведе дека на денешното собрание се избрани членови на Управниот и на Надзорниот одбор на ЗЕЛС.

Според него, за неговиот избор неговите колеги градоначалници одлучиле со консензус, односно сите едногласно гласале тој да продолжи да ја води оваа институција во наредниот четиригодишен период, колку што трае и градоначалничкиот мандат.

Дополнително, како што наведе градоначалникот на Скопје, за потпретседатели на ЗЕЛС се избрани градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Инаку, за потсетување, Ѓорѓиевски претходно беше избран за претседател на ЗЕЛС на половина од градоначалничкиот мандат во Општина Кисела Вода, откако на крајот на јануари од функцијата во оваа институција беше разрешена поранешната градоначалничка Данела Арсовска.

„Сакам да ја информирам јавноста дека од страна на колегите градоначалници ми е дадена едногласна поддршка и доверба да продолжам да го водам ЗЕЛС како претседател и во наредниот период… Денеска за мои потпретседатели исто така консензуално беа избрани г. Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, кој ќе биде мој потпретседател наредните четири години, и колегата од Општина Чаир, г. Изет Меџити, кој од оправдани причини не е присутен денеска, бидејќи е надвор од државата, но е избран, исто така за мој потпретседател.

Значи раководството на ЗЕЛС е јас како претседател во наредните четири години, г. Горан Герасимовски и г. Изет Меџити како мои потпретседатели и останатите членови коишто се во Управниот одбор на ЗЕЛС“изјави Ѓоргиевски.

Тој им се заблагодари на сите колеги градоначалници за дадената доверба, а благодарност упати и до извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која, како што кажа, е голема потпора за општините особено во делот на обуките на општинските администрации.

Ѓорѓиевски изјави дека како и во минатото, така и во наредниот период ќе се настојува сите предизвици и проблеми градоначалниците да ги решаваат заеднички и обединето и дека нема да се дозволи „политиката да се меша во овие процеси“.

Рече дека ќе се настојува да се одите чекор напред во процесот на децентрализација, особено во делот на фискалната децентрализација на општините.

Од темите за кои било разговарано на генералното собрание на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски се осврна и на иницијативата за воведување комунална полиција во општините, која, како што кажа, се надева дека ќе заживее од следната година.

„Денеска разговаравме со колегите за нашата силна заложба, која се надевам дека во наредната календарска година конечно ќе успееме да ја оствариме, а тоа е да добиеме како општини комунална полиција“,рече Ѓорѓиевски.

Во врска со ова прашање, тој рече дека воведувањето комунална полиција во голема мера ќе им помогне на општините во воспоставувањето ред, но ќе му ја олесни работата на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Тоа ќе ни олесни нам, но ќе им олесни и на државните институции имајќи предвид дека многу од ресурсите на Министерството за внатрешни работи во моментов се трошат за таа проблематика, а во перспектива таа проблематика би ја третирале ние како локална самоуправа“изјави Ѓорѓиевски.

Back to top button
Close