Ѓорѓиевски: Нема компромис со загадувачите – изречени се казни до 53.000 евра

Во изминатиот период од страна на Град Скопје биле преземени засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведени редовни и вонредни надзори, се работело на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите. Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Изречени биле глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра.

– Денеска се одржа вонредна седница на советот на градот Скопје, посветена на загадувањето на амбиенталниот воздух и неговите причинители. Драго ми е што по долго време за овие прашања се дискутира искрено и без политиканство, со цел да се преземат конкретни активности, а не само да се ставаат проблемите под тепих. Се согласувам со сите излагања на советниците. Овој проблем бара посветеност, конкретни акции и заедничка одговорност. Загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, ниту е создаден од сегашниот систем, но сега е наша обврска да делуваме и да го направиме Скопје почист и поздрав за сите. Во изминатиот период преземавме засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети, воведовме редовни и вонредни надзори, работиме на решавање на сообраќајот, изградба на нови зелени површини и зелени коридори, како и соодветен третман на депониите. Само во периодот од 6 ноември до 1 јануари, издадени се 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени. Инспекторите за животна средина извршија над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра, напиша градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил.

Одговорни лица во правни субјекти биле казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагале отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.

– Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници. На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице. Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни, пишува скопскиот градоначалник.

Back to top button
Close