Ѓорѓиевски: Од работа од јавните претпријатија отстранети 371 лице, констатирани злоупотреби, најмногу во комунална хигиена

Во моментов од работа од јавните претпријатија се отстранети вкупно 371 лице, кои или не оделе на работа или пак вршеле злоупотреба на своето работно место, а сето тоа го плаќале граѓаните. Активностите за откривање на злоупотреби во јавните градски претпријатија ќе продолжат и во наредните денови, изјави вечерва градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека вечерва до него дошла информација за други злоупотреби, како што истакна, поткрепена со документи.

– Изминатиот период биле ангажирани возила за чистење во „Комунална хигиена“ и тие возила се плаќани на име на физички лица на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра, така што повикувам да се вклучат институциите надлежни за ова и да ја испитаат работата. Јас најавив дека ќе има одговорност и ревизија и еве вечерва ве информирам дека имаме сериозни индиции за прекршување на законите, особено во „Комунална хигиена“, рече Ѓорѓиевски пред почетокот на акцијата за чистење на Градот Скопје.

Back to top button
Close