Орбан наводно планирал мигрантски центри и покрај жестоката антимигрантска реторика

Политичка бура ја тресе Унгарија откако премиерот Петер Маѓар објави документи за кои тврди дека откриваат планови на претходната влада на Виктор Орбан за отворање центри за прием на мигранти, и покрај долгогодишната жестока антимигрантска политика.
Маѓар изјави дека располага со записници и службени документи од 2024 година кои покажуваат дека властите разгледувале можност за повторно активирање на транзитни зони и користење објекти во Витњед за сместување мигранти. Според него, токму темата за миграцијата била една од клучните алатки на Фидес за политичка мобилизација и дискредитација на противниците.
„Борбата против нелегалната миграција беше една од најголемите политички измами на претходната власт“, порача Маѓар, додавајќи дека документите отвораат сериозни прашања за вистинските намери на владата во пресрет на изборите.
Тој најави дека ќе бара одговори од пратениците на Фидес и не ја исклучи можноста за формирање специјален парламентарен комитет кој би ги истражил наводите.
Случајот дополнително ја отвора дебатата за миграциската политика на Унгарија и нејзиниот однос со Европската Унија. Иако Маѓар уверува дека неговата влада нема да отвора мигрантски кампови, признава дека Будимпешта ќе мора да најде начин да ги исполни европските обврски без значително зголемување на бројот на мигранти во земјата. Објавувањето на документите доаѓа во чувствителен политички момент и може да стане една од главните теми во унгарската јавност во пресрет на изборната кампања за 2026 година.






