Орбан: Унгарија нема да ја признае пресудата против претседателот на РС Милорад Додик
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Унгарија нема да ја признае пресудата против претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Орбан, на предавање на MCC фест во Естергом, рече дека е „неприфатливо“ „намесник“ назначен од Европската унија да го смени и му суди на претседателот избран од босанските Срби, пренесува МТИ.
Унгарскиот премиер додаде дека тој чекор не е преземен поради корупција, туку затоа што Додик не спровел одредени одлуки што дошле од ЕУ.
Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина вчера ја потврди првостепената пресуда на Додик, со која тој беше осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.