Орбан во Грузија: Не дозволивте вашата земја да стане уште една Украина

epa10705545 Hungarian Prime Minister Viktor Orban gestures as he speaks during a joint press conference with Bosnia and Herzegovina’s Council of Ministers Chairwoman Borjana Kristo (not pictured) following their meeting Sarajevo, Bosnia and Herzegovina, 22 June 2023. EPA-EFE/FEHIM DEMIR
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека победата на изборите во Грузија, што ја постигна десничарската партија „Грузиски сон“, е слободна и демократска и покрај големите протести на опозицијата, која ги смета изборите за наместени.

Орбан, главниот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во Европската унија, е првиот странски лидер што ја посети Грузија по изборите одржани минатата сабота.

Претседателот на Грузија и опозицијата тврдат дека изборите се украдени со помош на Русија, а ЕУ и САД побараа целосна истрага за нерегуларностите.

Сепак, Орбан даде поинаков став по средбата со грузискиот премиер Иракли Кобахидзе, честитајќи му за победата.

„Ја гледам дебатата што избувна околу изборите, ги читам оценките на меѓународните организации и гледам дека никој не се осмелува да се сомнева дека овие избори биле слободни и демократски“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер рече дека е јасно оти „и опозицијата и владејачката партија се посветени на европската интеграција“, отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека партијата Грузиски сон се противи на тоа.

„Иако имате проевропска политика, не дозволивте вашата земја да стане уште една Украина“, рече Орбан и го повика Кобахидзе да игнорира каква било критика за изборите.

Луѓето се собраа пред парламентот во понеделникот вечерта, барајќи нови избори под меѓународен надзор и истрага за наводното лажирање на гласовите. Протестот ги зголеми тензиите во земјата, каде владејачката партија Грузиски сон стана авторитарна и се повеќе се свртува кон Москва.

Орбан беше исвиркан откако пристигна во хотел во Тбилиси во понеделникот вечерта.

Демонстрантите го нарекоа „политичка проститутка“ и „марионета“ на руски и унгарски.

Кобахидзе рече дека посетата на Орбан има посебно значење бидејќи се случува за време на унгарското претседавање со Советот на Европската унија, иако ЕУ најави дека тој не ја претставува Унијата за време на таа посета.

Грузискиот сон им порача на гласачите дека се залага за пристапување во ЕУ и покрај фактот што Брисел го суспендираше процесот за членство на Грузија откако партијата во јуни гласаше во парламентот за усвојување „закон за странско влијание“ од руски стил, кој критичарите велат дека сериозно ја ограничува слободата на печатот.

Аспирацијата за членство во ЕУ и НАТО е запишана во грузискиот устав, а многу жители овие избори ги сметаа за клучен референдум за можноста за влез во Европската унија.

Back to top button
Close