Орце Камчев е крал на светот!

Ќе беше пристојно, ако не и задолжително, пред некој да биде осуден на 7 или 9 години робија, да се побара, од позиција на судија, да бидат предочени цврсти докази за делата со кои се товарат обвинетите. Тоа во Македонија не е секогаш неопходно – да не се разбереме погрешно, не се судиите во принцип против тоа, но не го сметаат за нужно. Ако има докази – во ред; ако нема – не инсистираат по секоја цена! На пример, на Судот му беше доволно што обвинителката имала претпоставка и силен впечаток дека парите од рекетот, за кои никој и сега не знае дали постоеле, завршиле кај осудените.

Неверојатно!

Нејсе. Бидејќи самиот судски процес и драконската пресуда немаат доволно сериозни правни елементи за нив да се расправа, треба да се осврнеме на политичката употребна вредност на оваа неправосилна пресуда, бидејќи заради ништо друго и не се покрена овој процес, освен за да се растури СЈО и да се сруши Заев од власт.

Според тоа, прво, во целиот процес, симбиозата меѓу Орце Камчев и ВМРО-ДПМНЕ, посредувана со силните разузнавачки, пара-политички, криминални и пропагандни кики-фрики платформи, е целосно заокружена. Може да се каже дека растурањето на СЈО е комплетно, со набиена емотивна и интелектуална поддршка од обвинителката Рускоска – омразата кон Катица Јанева, филувана со еден постојан зајадлив цинизам, триумфираше со нејзино потполно приватно уништување, дополнително и заради смртта на нејзините двајца родители за време на судскиот процес – па би се рекло дека е сега прилично извесно дека понатамошното третирање на судскиот предмет „Империја“ (што е самата причина да се смисли „Рекет“), по неуспехот на она што многу потсетува на обид за поткуп, правно ќе се „упокои“ на друг начин.

Имено, во „Рекет“, Обвинителството се стави на целосно располагање на Камчев и е заложник на сите матни аспекти на скандалот. Рускоска е долгорочно парализирана. Во најлош случај, доколку „Империја“ и продолжи со некаква обвинителска глумажа, во некоја подалечна иднина ќе заврши со ослободителна пресуда за самиот Камчев.

Околу тоа не треба да се биде наивен, без разлика какво е расположението кон Камчев на „трибините“ на јавноста. Јавноста, впрочем, е политички поларизирана, обожува богати силеџии („Алал да му е!“), секако има кратко памтење, па ќе продолжи да се замајува со „реформите на судскиот систем“ и во деценијата пред нас, без разлика кој ќе ги спроведува.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close