„Орце повикува граѓаните на Скопје да чистат – затоа што тој не може“, велат од СДСМ

СДСМ преку соопштение реагираше на објавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во која тој ги повика граѓаните за заедничка грижа за чистотата на главниот град, оценувајќи дека таквиот повик претставува признание за неспособноста на градските власти да се справат со проблемот.

Од партијата посочуваат дека пораката на Ѓорѓиевски, во која наведува дека „грижата за Скопје нема паузи, празници ниту продолжени викенди“ и дека само со заедничка одговорност градот може да остане чист и уреден, е уште еден пример за, како што велат, префрлање на одговорноста врз граѓаните.

 

— реклама —

 

Во соопштението СДСМ тврди дека ваквата реторика е преземена од премиерот Христијан Мицкоски и дека наместо конкретни решенија, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ испраќаат пораки со кои се обидуваат да ја прикријат, како што наведуваат, својата неспособност.

Партијата упатува критики и за работата на Ѓорѓиевски, наведувајќи дека сè уште не се решени проблемите со отпадот во главниот град, ниту, според нив, е утврдена одговорноста за загадувањето на реките Лепенец и Вардар.

Воедно, СДСМ повторно отвора прашања поврзани со набавката на вештачка интелигенција за потребите на Град Скопје, барајќи одговори за цената на проектот, изборот на фирмата и евентуалните поврзаности со градоначалникот.

Back to top button
Close