Ѓорчев да се извини за клеветите со снимката од Битола, бара кандидатката за советничка од СДСМ

Претходно, актуелниот советник во Општина Битола, Борче Корлевски, кој и на овие избори е кандидат за советник од СДСМ, за случајот поднесе кривична пријава за неовластено снимање, а како можни сторители посочил две лица, наводно членови на ВМРО-ДПМНЕ

Категорично ги демантирам тврдењата на функционери на ВМРО-ДПМНЕ за моја вмешаност во снимката од битолски Баир што вчера ја објави опозициската партија. Станува збор за уште еден беден и јалов обид за моја лична и дискредитација на мојата политичка партија СДСМ, но и обид за поткопување на целиот изборен процес во Битола и земјава, порача денеска на прес-конференција, Жаклина Наумовска, кандидатка за советничка во Советот на општина Битола од СДСМ и секретар на ОО СДСМ Битола.

Ова следува откако ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека, заедно со кандидатот за советник, Борче Корлевски, биле „уловени“ како носат црна вреќа во една од куќите во населбата Баир, што според партијата, било доказ за изборен поткуп

„Барам јавно извинување Влатко Ѓорчев, како и од кандидатот за член на Советот на општина Битола, Марко Јосифовски за јавно изнесената лага. Јас, Жаклина Наумовска, не сум жената на фамозната снимка. Затоа, согласно Кривичниот законик, барам јавно извинување од споменатите за изречената лага и клевета во јавноста. Во спротивно, ќе ги преземам сите законски мерки за заштита мојот углед и достоинство. Снимката, почитувани граѓани, не потсети сите колку мачно и темно беше во времето на режимот кога неовластено се снимаше, се прислушуваше, се правеа конструкции и подметнувања, се загрозуваа животи и кариери на противниците. Граѓаните нема да дозволат враќање во минатото и уште еднаш силно ќе гo поразат ВМРО – ДПМНЕ и режимските методи нивната политичка битка“,рече Наумовска.

Актуелниот советник од СДСМ пак, Борче Корлевски, кој и на овие избори е кандидат за советник, вчера на прес-конференција рече дека лицето кое го придружувало на снимката е неговата сопруга, а во црната вреќа имало прехранбени производи кои ги носеле во куќата на нејзината сестра.

Тој поднесе кривична пријава за неовластено снимање, а во пријавата како можни сторители посочил две лица, наводни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително најави пријави за клевета и против носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, кој ја објави снимката на својот профил на Фејсбук.

Back to top button
Close