Ѓорчевски: Тргнав кон Блаце, но се вратив назад, уште од почеток почувствував дека полицијата се сомнева во мене

Александар Ѓорчевски, со одговори на прашања од обвинителката, продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Таткото на Вања одговараше на прашањата на обвинителската Жаклина Крстевска-Јосифовска, која го истражуваше поголемиот период на невработеност на Александар.

„До петто одделение учев со Радмила Шеќеринска со која бевме првенци на генерација. Сакаа да ни ги сецираат мозоците со Радмила да видат што имаме во главите, во мозоците. Потоа во тинејџерските денови попуштив со учењето. Ме запиша татко ми во средно економско училиште, за полесно да ме вработел”, одговараше Александар.

Обвинтелката тврди дека бил слаб ученик, потоа наркозависник од хероин, невработен, често без приходи и поради тоа наводно учествувал во заговорот да и’ се бараат пари на мајката на Вања за откуп, бидејќи знаел дека била поимотна и подитуирана од него.

Обвинителството сака да докаже дека лично тој му кажал на Палевски кога излегува Вања за на училиште. Крстевска-Јосифовска преку прашањата сака да го дискредитира сведокот-обвинет Александар Ѓорчевски, поставувајќи му прашања околу неговата улога како бејби-ситер на Вања и помалата сестра, додека сопругата Зорица заработувала за семејството, кога биле во брак.

Обвинителка: Значи од сите обвинети овде, само вие знаете дека Вања на 27.11. ќе оди на училиште сама?

Ѓорчевски: Логично, да.

Обвинителка: Точно ли е дека вечерта на 26.11. во 21.20 часот пративте порака во вибер групата:

„Утре ќе биде ѕивра. Плиз извадете топли ствари уште сега: хулахопки, чорапи, чизмички, маици, плиз блуза плус јакна, плус шал. плус јакна….Ракавици не мора, можете да ги брцнете во џеб’. Со поракава ги спремавте децата за на планина, или за на училиште?”

Ѓорчевски: Суштината беше да се облечат топло, зашто тогаш за првпат беше најавуван како најстуден ден таа зима. Познавајќи ги децата дека нема да ме фермаат, и ја препратив пораката на Зорица за таа да ги наговори. Тие се тинејџерки, изгледот им е поважен од здравјето и секако не не’ послушаа ни мене, ни Зорица и си се облекоа фенси, по нивно.

Обвинителка: Пред да одлучите да заминете, вие не ја прашавте Зорица за тоа каде е Миња, како е, воопшто не прашавте ништо така?

Ѓорчевски: Јас знаев дека Зорица како што се договоривме ќе се упати кон училиште, затоа што со Вања имаат заеднички час по физичко, знаев, нема потреба да ја прашувам. На што да дадам приоритет кога Вања ја нема, во такво безумие.

Обвинителка: Значи во моментот кога одлучувате да заминете, Зорица е кај Силбо, таму е и сведокот Митре Лазаров и полицајците. Одлучувате да поминете, без да кажете, а не знам притоа како што кажувате како сте дознале дека Зорица ќе оди по Миња.

Ѓорчевски: Не е воопшто така, јас и Зорица бевме повикани од полицијата да се вратиме назад пред зградата. Таму се договоривме откако дадовме некакви изјави на кои не се сеќавам на што се однесуваа, јас се вратив сам без Зорица кај Силбо. Таму го сретнав чичко ѝ на Зорица, препознав лица кои се движат во група за кои претпоставивме дека се полицајци, не го известив чичко ѝ на Зорица каде ќе се движат, туку со полицајците влегував по подруми и гаражи.

Обвинителка: Рековте дека откако сте провериле кај вашиот братучед дека Вања не се наоѓа во болниците, тој ви дал вам нешто за смирување, па ви дошло природно со колата да продолжите кон граничниот премин Блаце. Не ви е чудно тоа?

Ѓорчевски: Откако ја завршивме потрагата по болниците, најблиските премини се Блаце и излезот од Скопје кај Ѓорче Петров. Јас се јавив кај пријатели кои ми потврдија, дека детално ќе се прегледуваат сите возила на граничните премини, од тие причини, веднаш штом го поминав мостот кај Александар Палас и наидов на гужва во сообраќајот, решив да свртам полукружно и да се упатам кон Ѓорче Петров и ако може да ве замолам, вие ги имате сите инструменти како обвинител, денес можете да дадете наредба до камерите од безбеден град како што разбрав тука од ваш сведок, со самото внесување на регистарската табличка ќе ги донесе објективно и интегрално целото мое движење една недела пред и после настанот, а не парцијално да извадите снимка тука како се движат јас преку мостот Александар Палас, зошто не ја продолживте снимката уште 10 секунди каде се гледа како веднаш се враќам назад.

Обвинителство: Тоа сега го кажувате овде во судница, но не и во тек на истрагата. Ниту побаравте да бидат обезбедени тие видео записи, а имавте ангажирано и бранител по сопствен избор?

Ѓорчевски: Оваа информација ви е од мене. Јас на првиот исказ кај вас побарав декетор на лаги, ми рековте дека во таа фаза не е дозволено употреба на таков уред, кој што децидно ќе докаже дали ја говорам вистината. Значи од мене ви е таа информација, а до бранителот веднаш реагирав во судницава му посочив за која снимка се работи и каде се движам.

Обвинителство: Како не ви дојде природно до возилото да се вратите од каде што сте тргнале и каде сите ја бараат Вања, значи ли тоа дека веќе знаевте дека нема никакви шанси да ја надете Вања?

Ѓорчевски: Јас се надевав дека Вања ќе ја најдам по пат дека некој што ја грабнал ќе се премиси и ќе ја пушти. Цело време зборував на телефон со пријатели кои може да помогнат. Но, пресудно беше кога во вибер групата родители пишаа дека треба да се гледаат камери, тогаш одлучив веднаш да се вратам во Центар.

Обвинителство: Нели е чудно зошто да имате сценарио дека баш Вања би била киднапирана?

Ѓорчевски: И јас се прашувам зошто. И тогаш се прашувавме сите,зошто? Но моментите на нејзиното исклучување на телефон, нагло скршнување од рутата до училиште, наведуваа на тоа. Дека не е по своја воља отидена во погрешен правец, тоа со Зорица го констатиравме уште во 07 часот и 47 минути сабајлето. И после тоа Зорица им рече на колешките на работа да објават по социјални мрежи дека е исчезната Вања.

Обвинителство: Кажавте на еден од долгите состаноци во МВР, тоа значи дека сте имале повеќе состаноци и дека екипите на МВР биле максимално ангажирани со цел да се пронајде Вања, така?

Ѓорчевски: Точно е дека ги имаше во голем број присутни, меѓутоа ништо конкрено не видовме од нив дека се презема во пронаоѓањето на Вања. Тие не испрашуваа со колку недвижен имот располагаме, кој колку возила има, не им беше својствено дека Зорица превела стан на мое име, и од самиот почеток почувствував дека се сомневаат во мене.

Back to top button
Close