Ѓорчевски: Во моментот кога го одземале животот на Вања, го одземале и мојот живот

Александар Ѓорчевски, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје рече дека нема апсолутно никаква инволвираност и дека ниту ги познава, ниту може да ги гледа обвинетите во случајот за убиствата на неговата ќерка Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Одговарајќи на прашања од неговиот бранител, адвокат Владимир Туфегџиќ, Ѓорчевски денеска исцрпно и детално го опиша својот живот, односот со неговото семејство, моментите кога исчезнала Вања и односот со полицијата во текот на истрагата.

На почетокотот, прашан „дали денеска се чувствува подготвен и согласен да даде исказ пред судот“, Ѓорчевски рече дека „чувствува обврска, пред сѐ заради Вања“.

-Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но чувствувам обврска и сакам да дадам исказ. На почетокот на судењето кажав дека ќе дадам од неколку главни причини, пред сѐ заради Вања, поради тоа што во текот на истрагата и тука во судницата, беа изнесени ноторни невистини во врска со нејзе ѝ сакам да ѝ порачам дека тато е истиот тој човек кој што последен пат го виде викендот пред 4 декември и оттогаш навака претставуван сум во екстремно спротивно светло од она што сум. Решив да ги поттиснам емоциите за да можам да го дадам овој исказ, да соберам сила, храброст и поради сите оние кои што ме познаваат и страдаат заедно со мене, но и поради сите оние кои што не ме познаваат, да ја кажам мојата страна на вистината, мојата приказна, дека немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази во текот на постапката приметивме дека не чувствуваат ниту вина, ниту покајание. Забележав дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. „Цар“, изјави Ѓорчевски.

Ѓорчевски, рече дека „за себе смета дека дал голем придонес во истрагата“ и дека „ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не забележав дека кај нив има вина и покајание и дека ќе престанеле со планираните дејствија“.

-Одново и одново, со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзува, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, психички ѝ вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаат доказите како и за првото убиство на велешанецот Панче и да успееле во тоа Господ знае уште колку убиства и киднапирања ќе спровеле, рече тој.

Дополни дека за себе смета дека дал голем придонес во истрагата во која како соучесници биле контактите на Гоце Трајковски од полиција и од Сејф Сити.

-Ќе повторам, ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека кај нив има вина и покајание и дека ќе престанеле со планираните дејствија, изјави Ѓорчевски.

Прашан дали ги познава обвинетите од порано, Ѓорчевски рече дека „ниту ги познавам, ниту додека траат рочиштата можам да ги гледам, претежно мижам, затворени ми се очите“.

-За Љупчо Палевски дознав во полициска станица затоа што цело време ме прашуваа како сум комуницирал со него. А за останатите при давањето на исказ пред обвинителството во присуство на мојот адвокат, Владимир Туфегџиќ, рече Ѓорѓевски.

Тој сподели дека првпат слушнал за Љупчо Палевски во врска со реакциите поврзани со објектот Тифани, кога комшиите го опишувале како голем бизнисмен. Подоцна дознал дека Палевски живее во луксузен дом во околината на Песталоци.

-Исто така, Зорица со родителите во периодот кога почнавме да се забавуваме живееше во зграда која што е позната како Зградата на УПА карши фонтана, не знам во кое својство придонел за зградата затоа што сите знаевме дека е изградена од комшија, од Страшо, директор на Гранит или на Бетон, не се сеќавам, дури и го имав помешано со еден од нивните комшии, човек со многу понизок раст од него, Тоше со фирма Линк, појасни тој.

Ѓорчевски потврди дека во раните 90-ти, бил зависен од наркотични супстанци, но, како што рече, со самостојно пронајден третман за детоксикација во Турција и поддршка од семејството, работодавците и партнерката, успеал брзо да се ресоцијализира. Од тогаш, како што посочи, немал контакт со супстанции или луѓе поврзани со тој период.

Во однос на своето работно искуство, сподели дека работел од 18-годишна возраст преку студентските задруги, ангажиран бил и во во туристичка агенција, фри шоп и штедилница. Првото вработување на неопределено време му било во Фершпед АД (1993-2002), а потоа преминал во Кометал во сектор за инженеринг. Воедно, рече дека никогаш немала долгови, освен краткотрајни позајмици во Фершпед.

-Кога се родија дечињата, Вања беше захтевно бебенце, имаше грчеви, слаба ѝ беше крвта, бараше 24 часовен ангажман околу неа, ме повикуваше со плач постојано. Со Зорица се обидовме да платиме жена за испомош, не се покажа добра идејата, бидејќи Зорица имаше поголема плата од мене во тој момент, решивме јас да останам дома и да ги чувам децата, бидејќи се мала разлика, само една година и четири месеци помеѓу нив. Тоа траеше до 2017-2018 година кога се вратив во Фершпед каде што претходно, кога дадов отказ, ми беше кажано дека за мене таму вратите се секогаш отворени. Истото важеше и за Кометал, рече Ѓорчевски.

Тој сподели дека имал добар однос со своите деца, кој го опиша како „љубов на прв поглед. Сподели дека секогаш знаеле каде се и комуницирале отворено со родителите за промени во плановите за нивните локации. За Вања и Миња рече дека биле интровертни и добро воспитани.

-Во периодот пред 27.11.2023 година бев слободен, дадов отказ во Фершпед на 1 март 2023. Тој период обврските спрема децата, во смисла разнесување по локации, учење, исхрана, го преземав јас. Тоа ми беше рутината целиот период. За цела недела точно не можам да се сетам кој ден што сме правеле. Но, се сеќавам за саботата, можам да ви го опишам тој ден. Беа кај мене на ручек, по ручекот добија понуди од друштвото и двете да излезат вечер. Бидејќи надвор почна да врне, преземав обврска да ги разнесувам со кола, рече тој, опишувајќи го целиот ден.

Денот на исчезнувањето на неговата ќерка, 27 ноември 2023 година, Ѓорчевски го опиша како „лудило“. Тој рече дека утрото кога дознал за исчезнувањето на својата ќерка.

-Добив телефонски повик од Зорица со растревожен глас, викаше: „Сашко, Вања ја нема’. Веднаш почнав да се облекувам и се симнав долу, изјави тој.

Со помош на апликација за следење, родителите откриле дека последната локација на Вања била кај Хауз Гарден на улица Партизанска.

-Веднаш знаев дека нешто не е во ред, бидејќи телефонот беше офлајн, додаде Александар.

Заедно со сопругата Зорица, тие го пребарале местото, вклучувајќи напуштена куќа и околните улички.

Во меѓувреме ја известиле полицијата и почнала потрагата.

-По извесно време Зорица се симна, нѐ повика полиција. Се вративме пред зграда, двајца униформирани полицајци разговараа со нас, не се сеќавам што, двајцата бевме избезумени. Ги прашавме дали пратиле екипи на местото каде што Вања беше евидентирана и тогаш Зорица ми кажа дека им се поклопува на Вања и на Миња часот по физичко, дека им е заеднички час, дека Миња примети дека ја нема Вања на училиште и реши таа да оди да ја земе Миња од училиште и да ѝ соопшти, а јас решив да се вратам на местото каде што веќе бевме со Зорица, рече тој.

Раскажа дека во главата му се вртеле повеќе сценарија помеѓу кои дека Вања ја удрило кола и е во болница.

-Полицајците во цивил ми рекоа дека сѐ што можело да се пребара во околината е пребарано, мене ми се вртеа во глава безброј сценарија, едно од нив беше дека ја има удрено кола и дека некој совесен возач ја ставил во кола и ја однел во болница. Имам братучед кој работи во болницата „8 септември“, му вртев но не ми одговори. За кратко време ми се јави ми кажа дека бил на визита, јас му објаснив што се случило и ми рече веднаш да дојдам кај него. Кога пристигнав пред болницата тој веќе беше симнат долу инсистираше да влезам да ми даде нешто за смирување. Ми кажа каде да се паркирам, влеговме, се движевме по едни ходници до една мала просторија со телефон кој братучед ми го употреби локално од болницата по ургентните центри проверуваше дали утрината е хоспитализирано повредено девојче. Исто така, се јавивме во клиниката на Водно кај заеднички другар и од таму ми дадоа негативен одговор. Ја немаше никаде по болниците. Не ме држеше место, не можев да седам во место, морав нешто да правам. Братучед ми инсистираше да останам таму, меѓутоа не го послушав и излегов и влегов во кола. Наредно сценарио беше дека некој заостанати пијаници, наркомани или дилери во Дебар Маало ја повлекле во кола, се упатиле по Партизанска, ја повлекле од лудило, од каприц, и дека можеби ќе ја пуштат по пат. Исто така, едно од сценаријата што ми се моташе низ глава беше дека Вања е киднапирана и прво што ме фати страв е да не ја изнесат од државата, рече тој, дополнувајќи дека тргнал кон граничниот премин Блаце, а потоа и кон Сарај, по тоа сценарио.

Во однос на прашањето каква била Зорица во тие момени, тој одговори „Зорица беше избезумена како и сите останати“.

-Се трудевме двајцата да глумиме дека не сме во паника заради Миња, Зорица исто така се вклучи во обезбедување на снимки од околни камери. Бидејќи веќе имаше фејсбук, таа беше таа што комуницираше со медиуми, и пишуваа и јасновидци, рече тој.

На прашањето каков бил односот на полицијата кон него, Александар одговори дека полицијата покажала сомнеж и анимозитет кон него, дополнувајќи дека истрагата тапкала во место од самиот почеток.

-Они тапкаа во место уште од самиот почеток, ни покажуваа слики од девојчиња, да потврдиме дали е тоа Вања, нѐ убедуваа дека не си го познаваме детето, дека Вања избегала со некој дечко накај Тетово, дека се решила да премине пат од 4000 км до Шведска кај другарче од платформата Дискорт. Нѐ прашуваа колку станови имаме, на чиво име се водат. Колку возила поседуваме, а кога ќе споменеме дека Вања не е отидена по своја волја во правец спротивен од училиштето, пријавуваа дури и агресија кон нас, рече тој.

Образложи неколку разговори со инспекторите, при што рече дека се обиделе да го направат ретардиран во целата таа ситуација.

-Еден од инспекторите, Кире се викаше, зборуваше на дијалект од источна Македонија, на еден од долготрајните состаноци во полициска станица Центар на крајот каде што присуствувавме јас, Зорица и Миња, ми се пушти дека само јас сум викал дека Вања е киднапирана. Во тој момент ја постигна точката на топење и можеби го навредив и со повисок тон му се обратив, цитирам, на неговиот дијалект „киднапирана е Кире, киднапирана, не е по своја волја скршнала од патот кон училиште“. При долготраен состанок со инспекторот Музафер, ми рече ајде малку да се повозиме, ме прави ретардиран во целата таа ситуација, а да не зборам дека цело време во погрешна насока ја водеа истрагата. Што да правам кај ги молиш да ти го најдат детето, па уште и да бидам незгоден со нив и некултурен, му реков во ред, како ќе кажеш, дополни Ѓорчевски.

Потоа, на прашање од адвокатот Туфегџиќ образложи во врска со неговиот развод со Зорица и распределба на имотот. При што посочи дека станот го префрлиле на негово име од причина што решиле да го издаваат и дека ќе има обврски во врска со неговото издавање. Откако решиле да ги препишат становите на нивните деца, тој раскажа за преземените обврски во врска со тоа.

Во однос на пораките во Вибер групата со родители, Ѓорчевски информираше дека има пратено и избришано порака што била навредлива за полицијата и затоа ја избришал.

-Во смисол дека тапкаат во место, дека се пасивни и дека инсистираат на тоа дека Вања сама побегнала. Тоа беше одговор на директно прашање на мајка на другарка на Вања. Зорица седеше карши мене на тросед кога ја напишав пораката и ја пратив во Вибер групата. Вибер групата брои околу 60 членови. После 2-3 минути ја избришав пораката затоа што веќе ми беше повеќе од јасно дека полицијата веќе се сомнева во мене, претпоставувам иницијално беше тоа што Зорица ми го подарила станот, рече тој.

Дополни дека таа Вибер група сѐ уште постои и може да се види после бришењето на неговата порака, дали имало и какви биле коментарите.

-Ако таа била со содржина каква што прејудицираше Дејан, сигурен сум дека ќе имало лавина од коментари и прашања. Истото тоа може и Зорица да ви го потврди, затоа што во еден наврат, исто во момент на гнев, во нашиот дом на Наум Наумовски Борче пред сите инспектори, откако нѐ распрашуваа за тоа колку и какви станови имаме, околу три четири луѓе што се наоѓаа помеѓу мене и Зорица, реков „Зоре овие нѐ прашуваат за становиве, не ја бараат Вања, јас ќе се фрлам на снимките, оставете ме на раат“. Зорица тогаш ми рече „Терај работа“. И јас бев фокусиран на снимките а таа ми носеше кафиња и ме нудеше со јадење во собата каде што правев скриншатови, ме тераше да спијам за да останам фокусиран, рече тој.

Сподели дека имал пратено порака на телефонот на Вања.

-Во корист на времето нема да набројувам што сум направил, можам да кажам со еден збор, сѐ што ми текна, сѐ направив. Секаде каде што ми текна се јавив, барав помош и од Американската амбасада, од Интерпол, КФОР, пријатели во МНР итн, членови од семејството пријавуваа во Грција. Така што, во еден момент ми текна дека можеби тие што ја киднапирале Вања во еден момент ќе го вклучат телефонот, ако бил исклучен, за да нѐ контактираат и прво што ќе видат како „поп ап“, ќе излезе мојата порака која што ја составив и ја пратив на мобилниот телефон на Вања за тоа што не знаев како би нѐ искомуницирале тие луѓе, единствено освен ако Вања не им дава информации, ја составив пораката од прилика гласеше дека сѐ што ќе побараат сѐ ќе направиме, ја пратив, потоа ми текна, ја дополнив со уште една порака, од родителите, и таа порака ја пратив. Не знам што сѐ немам направено, рече тој, дополнувајќи дека Зорица била запознаена со овие пораки.

Во продолжението, Александар зборуваше за моментот кога Гоце Трајковски се појавил, преку неговата мајка Кираца Трајковска, и го опиша целиот процес на прибавување на снимките од околните камери.

-Јас фокус им дадов на тие пет минути за кои имав две познати како равенка. Го имав времето кога е онеспособен телефонот на Вања 7:37 и времето кога Вања излегува за на училиште и беше 7:23/4. Така, за да Вања со кола стаса од дома до Фитнес Хаус, каде што ѝ го снемува сигналот, беа потребни околу пет минути. Уште истиот ден да проверувам безброј возила а со сѐ другите камери имам направено илјадници скриншатови на возила и на луѓе кои поминуваа и на мене и на Гоце, впечаток ни остави колата на смртта, голема стара кола која што исфрла голем чад од ауспухот, стаклата се замаглени а хаубата е како замрзната, како да преноќила и тргнала од паркингот пред зградата каде што живееше Вања, рече тој.

Дополни дека, според камерите од фризерницата, некои до колите видени на снимката им кажале дека се на околните луѓе.

-Така што по пат на елиминација, во наредниот ден, газдарицата на фризерницата ни обезбеди мемори стик, а Гоце седеше со мене на компјутерот на Зорица каде што ги гледавме и другите камери. Во еден момент, телефонот му заѕвоне и тој го уклучи спикерот, од другата страна слушнав, мислам дека рече, „дали си ти нормален, па оваа кола ние ја бараме веќе петти ден“. Јас од тогаш продолжив да ја следам на сите камери што ги имав обезбедено и навистина чудно ми се виде нејзиното движење, особено на снимката од камерата од менувачницата Папилон, карши Буњаковец каде што се гледа дека возилото се движи во десната крајна лента, многу споро. Во еден момент се паркира, па без никаква потреба се враќа малку во рикверц, како да чека некого, за да потоа сврти полн лев круг и нагло се престрои во крајната лева лента, рече тој.

Потоа посочи како со Гоце ги поврзале работите откако разбрале дека автомобилот е на лице што исто така е исчезнато. Тоа, како што рече, го споделиле и со полицијата. А потоа раскажуваше и за моментот кога ги задржале во полиција.

-Погледите на инспекторите кои дотогаш ги гледав на состаноците, кога ќе ме погледнеа во мене ги вперуваа во земја, веднаш почувствував дека нешто не е како што треба, рече тој.

Раскажа како потоа ги раздвоиле со Зорица и извесно време бил сам со двајца полицајци во просторијата.

-Наеднаш на вратата се појавија инспекторот Дејан, Кире и Музафер. Веднаш го прашав што се случува, да не се случило нешто? Инспекторот Дејан ми одговори „не се прави дека не знаеш, сега ти ќе ни кажеш нам што се случило“. Ги имаше зафатено еуфорија. Инспекторот Кире викаше на цел глас со 100-0 ве победивме, инспектор Дејан Димовски почна да ми поставува апсурдни обвинувања дека јас сум ѝ ставил салотејп преку устата, дека цело време сум знаел што се случува, дека сум ги влечел за нос, паралелно со апсурдните обвинувања се одвиваше и физичка тортура која што не ја ни приметував, бев парализиран, како дух, едноставно поминуваа ударите низ мене и на секое мое прашање добро луѓе кажете што се случило, ми одговараа дека јас сум тој што треба да им каже. Велеа дека во другата просторија киднаперите сѐ признале, сѐ отпеале, дека веќе сѐ се знае, само дека уште јас треба да признаам. Не знаев што треба да признаам, ги прашав за кои луѓе се работи, тие ми рекоа дека не ги знам, дека сум се договарал само со монструмот. Им реков не познавам монструми, гангстери, кој е тој монструм? Ми одговорија Љупчо Палевски, јас на тоа додадов човекот што ја правел зградата, а они иронично ми рекоа не се прави дека не знаеш. Навистина не се сеќавам на тие моменти, какви сѐ детали би можел да ви посочам во моментот, затоа што бев парализиран од душевна болка иако никој не ми соопшти што се случило човечки и отворено, рече Ѓорчевски.

Потоа, како што рече, го спровеле во затворот.

-Таму исто физички ме одработија, два пати бев во несвест, затворскиот лекар се исплашил дека ми е пробиено десното белодробно крило со едно од скршените ребра, па ме праќаа на торакална неколку пати. Прв пат дознав од обвинителот Жаклина кога давав исказ во присуство на адвокатот Владимир Туфегџиќ што се случило, дополни тој.

Адвокатот Туфегџиќ заврши со прашањето дали стои зад исказот даден во обвинителството, имајќи предвид дека е посеопфатен, на што Ѓорѓевски одговори „Стојам зад сето тоа што сум го кажал до сега, и пред инспектори и пред ЈО, сѐ уште стојам на располагање и спремен сум да одговорам на кое било прашање од кого било“.

Додаде дека дал сѐ од себе да ја најде Вања, меѓутоа, како што рече, доцна.

-Што да додадам, дадов сѐ што можев од себе, ја најдов Вања, меѓутоа доцна. Во моментот кога го одземале животот на Вања, го одземале и мојот живот, не само мојот, цело семејство упропастија, и пошироко, не знам што да кажам, рече тој.

Судењето продолжува во петок со вкрстени прашања од обвинителството.

По сведочењето на Ѓорчевски е предвидено да сведочи и обвинетиот Љупчо Палевски.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Back to top button
Close