Јорданов: Две лица насилно ја запалија штипската депонија „Трештена скала“, надлежните да постапат и ги санкционираат

Насилно се пали депонијата „Трештена скала“, на која се депонира сметот од граѓаните и фирмите во Општина Штип. Две лица со моторни возила насилно влегле во депонијата и ја запалиле, а на чуварската служба на ЈП „Исар“ и упатиле и смртни закани, ова е причината за вчерашниот пожар на депонијата, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој посочи дека случајот е пријавен во Полиција, откако се евидентирани од страна на чуварите на депонијата преку видео надзорот кој е поставен на депонијата „Трештена скала“ во Штип.

-Одредени лица со возила влегуваат насилно во депонијата, ја палат, за во наредните денови полесно да го селектираат железото и металот. Но, предизвикуваат општа опасност, еколошка катастрофа, загадување на животната средина и опасност од ширење на пожар, изјави Јорданов.

Штипскиот градоначалник, истакна дека лицата се добро познати на институциите, пријавени се во Полиција и апелираше соодветно да  постапат  и да одговараат.

-Апелирам до надлежните институции доколку имаат потреба од детални информации, стоиме на располагање. Се надевам дека ова ќе биде последен случај, оти се работи за здравјето на граѓаните, рече Јорданов.

Екипите на ЈП „Исар“ продолжуваат и во наредниот период со 24 часовен надзор. Инаку, депонијата „Трештена скала“ е на неколку километри од градот Штип, а пред неколку години, кога исто така беше запалена од страна на собирачи на старо железо предизвика и пожар во атарите на две штипски села, предизвикувајќи штета на земјоделски култури, а пожарникарите мораа брзо да интервенираат со цел огнот да не ги зафати и првите куќи во селото Драгоево

Back to top button
Close