Јорданов: Не сум сигурен дека нема да има изненадување околу ветото за Македонија

Претседателот на пратеничката група на партијата Има таков народ во Бугарија , Тошко Јорданов, и по одржувањето на коалицискиот совет не е сигурен дека нема да има изненадување околу ветото за Македонија.

„Следејќи го коалицискиот совет за Северна Македонија, со ваков тип на коалициски партнери, не можеме да бидеме сигурни дека нема да има никакво движење околу Северна Македонија“, изјави тој за Нова телевизија.

Синоќа четирите партии од коалицијата разговараа за ова прашање, а по средбата беше најавено дека евентуалното укинување на ветото за членство на земјата во ЕУ нужно ќе помине преку гласање во Националното собрание.

Тошко Јорданов посочи дека „Продолжуваме со промените“ си дозволиле да прават работи и да разговараат за Северна Македонија, што не требало да го прават. Тој рече дека зборувале за разговорите со европските дипломати и за дадените ветувања до нив во последните 4 месеци. Јорданов истакна дека притисокот за укинување на бугарското вето за почеток на преговорите со Северна Македонија со ЕУ доаѓа од неколку земји од ЕУ, но одби да прецизира кои се.

„Работиме врз основа на потпишан коалициски договор. Ако го почитуваат – нема проблем. Ако не го почитуваат – последиците ќе бидат кај нив“, рече пратеникот на ИТН. Според него, идејата на „Демократска Бугарија“ да го придвижи билатералниот процес напред доколку Европската комисија преземе гаранции во рамките на преговарачкиот процес дека бугарските барања ќе бидат исполнети, е тешко остварлива.

„Тоа е тешко да се спроведе во пракса. Тоа се политички, а не реални очекувања“, рече Јорданов.

Back to top button
Close