Организации на ОН упатија тешки обвинувања против Израел

Организации на Обединетите Нации за помош остро ги критикуваа постапките на израелската армија во Појасот Газа. По повикот на Израел до жителите и внатрешно раселените лица во градот Деир ал-Балах да избегаат, Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (OЦХA) соопшти дека тоа е „наредба за масовно протерување“ од страна на израелските вооружени сили. ОЦХА во соопштението оценува дека тоа претставува натамошен „разорен удар“ врз хуманитарните напори во областа разурната од војната.

Израелската армија објави дека ќе ги прошири своите операции во градот и ги повика луѓето во неколку населби да се преселат на југ на Појасот Газа. Според првичните проценки, во време на издавањето на наредбата во оваа област се наоѓале помеѓу 50.000 и 80.000 луѓе, соопшти ОЦХА.

Светската програма за храна (ВФП), исто така, ги критикуваше постапките на израелската армија. Организацијата ја обвинува армијата дека пукала врз голема толпа во близина на конвој за помош во Појасот Газа. Конвојот со помош на ВФП од 25 камиони бил наменет за гладните луѓе во северниот дел на Појасот Газа, соопшти агенцијата на ОН на платформата X. Кога конвојот кратко по преминувањето на граничниот премин Зиким се приближувал до толпата што чекала, луѓето се нашле под израелски оган. Се вели дека биле убиени голем број луѓе, а голем е и бројот на повредените.

Израелскиот весник „Тајмс оф Израел“, пак, објави дека не е јасно дали станува збор за жртви на израелската армија или на вооружени банди, или и двете. Според здравствените власти контролирани од исламистичката терористичка организација Хамас, убиени биле најмалку 67 лица. Бројот не може да се потврди од независни извори. Весникот „Тајмс оф Израел“ ја цитира израелската армија која тврди дека биле испукани предупредувачки истрели „за да се отстрани непосредна закана за војниците“. Израелската армија, според весникот, го негира големиот број жртви.

Светската програма за храна соопшти дека луѓето едноставно се обидувале да стигнат до храна за себе и за своите семејства, „кои се на работ на глад“.

(dw)

Back to top button
Close