Ѓоргиев: Премиерот ја компромитира работата на идната историска комисија

Драги Ѓоргиев, седум години го води македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.

Исто толку години, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргиев и другите членови ги портретира како сервилни кон власта на СДСМ, но и кон бугарските барања. Деновиве, лидерот на таа партија, Христијан Мицкоски, од позиција на премиер изјави дека тие не биле заштитници на националните интереси и најави нови лица на нивните позиции.

Комисијата беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Работеше со подеми и падови, а често врз интензитетот на средбите влијаеја и политичките искричења на релација Скопје – Софија.

Досега усвоија препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Наум Охридски, Климент Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија.

Ѓоргиев, во разговор за БИРН, на новите членови што ги најави Мицкоски им порачува да се држат што подалеку од партиите и од политиката.

БИРН: Премиерот Христијан Мицкоски рече дека мешовитата историско-образовна комисија со Бугарија не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Како ја оценувате оваа изјава, дали основната задача на една научна комисија е да ги штити националните интереси?

Ѓоргиев: Според мене, таа изјава може да се дефинира како неаргументирана и неодговорна. Неаргументирана бидејќи во неа не постои никаков аргумент кога и на кој начин Комисијата „не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ“.

Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат. А со промената на членовите ќе покаже и кои се луѓето што ќе ги одбранат.

Исто така, изјавата покажува и колку погрешно е сфатена улогата и целта на самата Комисија. Нејзината цел, како и на многуте други такви комисии формирани во Европа, не е да се занимава со решавање на идентитетски прашања, со дебата за историографски прашања, кои со децении се предмет на дискусија или со заштита на националните интереси согласно лични видувања и партиски интереси.

Целта е врз база на научни принципи и достигнувања на современата историографија да се надминат одредени недоразбирања во учебниците по историја и симболично, со заеднички чествувања, да се приближат различните перцепции на одредени историски личности и настани во двете општества.

На тој начин би се влијаело врз подобрување на меѓусебните односи и би се зголемила довербата меѓу двата народа. Се разбира, за тоа е потребно да се направат сериозни чекори и од македонска и од бугарска страна, додека „тешките и нерешливи“ историски прашања и понатаму ќе бидат дел од дебатата на двете историографии.

Повеќе

Back to top button
Close