Осамената „старица“ покрај пругата во Гостивар остана без иднина

Некогаш гордост на железницата и највисок објект во Гостивар. Воочлива од речиси сите делови од рамничарскиот град. Сега руина, непрепознатлива и обвиена со мистерија. Зошто оваа градба е тука, за што служела, од кое време …? Одговори има малку на овие прашања. Кулата во непосредна близина на пероните на железничката станица Гостивар стана предизвик да се дознае и открие нејзината историја.

Ретко кој патник кој со воз оди кон Кичево и кон Скопје не ја забележал монолитната и необична по изглед градба покрај колосеците. Влегла во многу објективи, па дури и во фотоалбуми. Триесетина метри високиот објект според изгледот открива дека мало ремек-дело на градителите. Надворешноста е со жолтеникава фасада која почнала да отпаѓа. Под неа се наѕираат тулите од кои е изградена. Со отвори кои биле прозорци и чатија без ќерамиди. Останеле само дрвените греди кои се распаѓаат. А на врвот ѕвезда петокрака, веројатно како симбол на социјалистичкото време. Внатрешноста не е примамлива и состојбата наведува дека не е воопшто да се биде во внатрешноста па дури и во близина. Убавицата остарела и е препуштена на забот на времето.

Прашувајќи по гостиварци кои живеат во близината или како што таа локација е позната за гостиварци „под пруга“ дознавме нешто, но недоволно.

Књазе Николоски гостиварец кој навлегол во осмата деценија од животот вели објектот не е во функција повеќе од педесет години. Знае малку, ама е убеден дека се користела во времето кога по пругата се движеле железнички композиции по „тесно линејката“ и малото вовче со парна локомотива популарно наречениот „Ќиро“. Вели, му останало во сеќавање дека непосредно до неа застанувала локомотивата за да наполни вода.

Објектот е во сопственост на македонската железница (ЈП ЖРСМ Инфраструктура). Од таму за МИА одговорија дека станува збор за резервоар (водонапојник) за вода за снабдување со вода на парната локомотива. Се користела во периодот кога сообраќај била парна локомотива. Такви или слични резервоари биле изградени во секоја поголема станица.

– Од достапните податоци кои ги имаме, објектот е изграден после Втората светска војна, најверојатно со изградбата и пуштање во употреба на пругата Скопје-Гостивар околу 1952 година, наведуваат во одговорот од ЈП ЖРСМ.

Во истражувањето низ архивите за пругата која била опслужувана токму и од оваа кула (водостаница). На веб страницата на Марх (Македонска Архитектура) нет простор посветен на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност наидовме на детали кои откриваат една подзаборавена историја и ретки фотографии. Тие потврдуваат дека водостаницата последен пат била користена кон средината на минатиот век. Пред укинувањето на стариот воз и теснолиниската пруга.

– Во 1966 година е одржан референдум за укинување на „Комплексниот погон Гостивар“ и ликвидација на теснолејката. Последниот воз од Охрид кон Гостивар тргна во мај 1966 по кој пругата престанува со работа и е демонтирана, стои во текстот.

За љубителите на историјата на железницата ја препорачуваме и фоторепортажата (http://www.penmorfa.com/JZ/ohrid.html) која автентично пренесува запис од период што останал зад нас.

Тоа е времето кога со воз се патувало од Скопје до Охрид и многу градови и села во западниот дел од Македонија биле железнички поврзани.

Железничката кула без иднина во 21 век

Ако водостаницата, која до средината на минатиот век служела за водоснабдување на локомотиви на пареа, таа денес е бескорисна. Сега како руина претставува опасност за минувачите. Најмногу им пречи на минувачите и жителите на улицата „Боге Јовановски“ која минува покрај неа. Гредите од покривната конструкција се расклатени. Жителите од соседството се жалат и на лошата миризба што се шири од објектот. Велат полни со ѓубре и се претвора во депонија.

Мишо Николовски, кој раскажуваше за историјата на водостаницата посочи дека пред две години упатиле поплака до надлежните да се заштити просторот. По ова биле отстранети ќерамидите од покривот и делови кои можеле да отпаднат. Тие од време навреме паѓале и биле закана за минувачите и децата кои понекогаш играат во близина на објектот. Во неколку наврати се обратиле и до локалните институции да се преземат мерки за решавање на статусот на кулата и нејзината иднина. Доколку нема решение, тие бараат тој да биде срушен со што би се спречила некоја трагична случка.

Каков ќе биде исходот на овој маркантен објект покрај пругата, дали ќе биде мал музеј, преуреден во некоја корисна содржина, какви што имало предлози или едноставно ќе го снема, засега е непознато. Последната одлука треба да дојде од ЈП ЖРСМ Инфраструктура, од каде одговорија дека се разгледува прашањето околу иднината на овој објект.

За некого грдотија, за некого спомен или идеален мотив за фотографија. Железничката кула ќе постои како обелиск уште некое време. Ќе ја разгорува љубопитноста на патниците намерници и ќе потсетува на минатото. Дотогаш оваа „старица“ ќе дочекува и испраќа возови и патници.

 

Back to top button
Close