Оштетени штедачи на ЕСБ: Дали се одговара за предизвикување стечај на банка и за перење пари?

Трифун Костовски, долгогодишен претседател на надзорниот одбор на пропаднатата Еуростандард банка и најголем акционер во истата, од свој агол често ја информира јавноста за причините за затворањето на банката и за најодговорните учесници во тој криминален чин. Притоа, во вчерашната негова објава беше наведено и дека ние, физичките и правни лица доверители во пропаднатата банка, сме веќе замолчени и елиминирани од вистинската борба против организираниот криминал како општествено зло.

Трифун Костовски јавно призна дека во Еуростандард банка се делени кредити на блиски луѓе врз основа на измислени критериуми. Според негово тврдење, таков е кредитот од 1,2 милиони евра даден на АТВ Зеус, фирмата на вујкото на Николче Петкоски, претседателот на управниот одбор на Еуростандард банка и близок долгогодишен соработник на Трифун Костовски. Кредитот е даден само врз основа на обична меница на фирма која не била кредитоспособна и која никогаш ништо не отплатила од кредитот. И навистина, тој кредит воопшто не е вратен, а фирмата нема ни од што да го враќа. Несомнено, парите од депозитите на граѓаните и фирмите завршиле во некои туѓи џебови, дистрибуирани како позајмици на банкарски сметки на разни клиенти каде свесно биле префрлени и поделени под превезот на законско работење на банката за да никогаш не се вратат од каде се земени.

Со затворање на банката, на површина „исплива” и нејзината фактичка состојба. Како може да се споредат 73 отсто нефункционални кредити од портфолиото на правни лица должници на Еуростандард банка во однос на околу 5 отсто, колку што изнесува просекот на нефункционални кредити од правни лица во сите банки во државата? Како е можно повеќе од половина правни лица клиенти на Еуростандард банка кои имаат земено кредити од банката да се ненаплатливи или тешко наплатливи? Како тоа во Еуростандард банка има значителен број на фирми кои имаат земено милионски суми на кредити врз основа на обична меница како единствено обезбедување, а истите биле презадолжени и несолвентни уште во времето на земање на кредитите?

Еуростандард банка не пропадна само поради намалена стапка на адекватност на капиталот под законски дефинираната граница. Таа всушност пропадна поради низа злоупотреби, манипулации и проневери кои со текот на годините станале нормална пракса во работењето и управувањето со банката.

Веројатно Трифун Костовски е свесен за многуте злоупотреби на службената положба и проневери за кои постои сериозно сомневање дека тој и неговите блиски соработници на раководни позиции во Еуростандард банка ги правеле со години. Пред и се, тоа се однесува и на неговиот син Коста Костовски како претседател на кредитниот одбор за физички и правни лица во банката и Николче Петкоски како претседател на управниот одбор во банката.

Трифун Костовски и неговиот раководен тим се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат. Резултатот од тоа се и фантастичните 73 отсто нефункционални кредити на прави лица должници во Еуростандард банка, кои само го потврдуваат таквото однесување на раководниот тим. За тоа и за останати сомневања за тешки злоупотреби и манипулации мора да постои одговорност.

Доказите за сторен организиран криминал во Еуростандард банка се одамна достапни на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Според јавно достапни информации, истрагата на обвинителството за Еуростандард банка е започната уште во февруари минатата година. Го прашуваме јавно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција зошто сеуште се молчи за криминалот во Еуростандард банка?

Back to top button
Close