Оштетени штедачи на ЕСБ: Обвинителството да ја заврши истрагата за „Еуростандард банка“

Резултатите од приватната истрага на Трифун Костовски не нѐ изненадија ниту фрапираа, велат од Иницијативен одбор на Здружение на оштетени штедачи на ЕСб.

Според нив, овие резултати само го потврдиле она што тие го изјавувале и објавувале минатите две години. Масовен организиран криминал спроведен преку низа нелегални, законски забранети шеми на позајмици за покривање на достасани обврски на клиенти, перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти, злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификување документи, измами, незаконски манипулации и измами, велат од Иницијативен одбор на Здружение на оштетени штедачи на ЕСб.

Во нивното соопштение се вели дека сите овие активности се случувале со години и биле водени од раководниот тим на Еуростандард банка, потпишани и одобрени од претседателите на одборите и потпомогнати од нивни колеги на значајни позиции во банката.

Ова се фактите за пропаѓањето на Еуростандард банка, причините таа да стане несолвентна и се затвори пред две години.

Истрагата потврдува и дека Еуростандард банка воспоставила деловни односи со нерезидентни клиенти осомничени за перење пари. Па така, во првите три квартали од 2019 година, клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти во Еуростандард банка, се вели во соопштението од оштетените штедачи.

Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на ЕСб бараат од ЈО овој масовен организиран криминал, потврден и од приватната истрага на Трифун Костовски, како еден од осомничените за пропаѓањето на банката со сите свои нелегални активности, да има своја завршница односно одговорност.

– Го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да не молчи и да ја соопшти одлуката од истрагата која ја води повеќе од една и пол година, велат штедачите.

 

 

Back to top button
Close